Во САД се продлабочува кризата во аеродромската безбедност, откако сè поголем број вработени во системот за безбедносни проверки поднесуваат оставки или отсуствуваат од работа, што предизвикува доцнења и сериозни нарушувања во воздушниот сообраќај.
Американскиот претседател Доналд Трамп најави итни извршни мерки за исплата на околу 50.000 работници во аеродромската безбедност, откако Конгресот не успеа да постигне договор за финансирање и стабилизирање на недостигот од персонал.
Тој изјави дека му наложил на Министерството за внатрешна безбедност на САД да започне итни исплати на агентите од Управата за безбедност на транспортот (TSA), со цел да се „стави крај на кризата и хаосот на аеродромите“.
Во својата изјава, Трамп ја обвини опозицијата за блокадата, наведувајќи дека „демократскиот хаос“ е причина за проблемите во аеродромите низ земјата. Сепак, не е јасно колку долго би траело ваквото финансирање и од кои буџетски извори би се обезбедиле средствата.
Масовни отсуства и оставки
Според податоци од Министерството за внатрешна безбедност, речиси 500 вработени во TSA дале отказ од почетокот на делумната блокада на владата во февруари, додека илјадници други не се појавуваат на работа поради тоа што работат без плата.
Во средата, повеќе од 11% од персоналот не се појавил на работа, а на некои од најголемите аеродроми во САД – како Њујорк JFK, Хјустон, Балтимор, Њу Орлеанс и Атланта – стапката на отсуство достигнала и над 30%.
Можни затворања и интервенции
Агенцијата за безбедност на транспортот предупреди дека, доколку ситуацијата се влоши, можно е затворање на помали аеродроми.
Поради зголемениот притисок, дел од агенти од други служби на Министерството за внатрешна безбедност веќе се прераспоредени во 14 аеродроми, каде помагаат во проверки, контрола на гужви и логистика.
Политичка тензија
Републиканците и демократите меѓусебно се обвинуваат за блокадата на финансирањето. Спорот е поврзан со правилата за имиграциските служби и финансирањето на безбедносните агенции.
Во меѓувреме, претставници на авиоиндустријата предупредуваат дека, дури и ако се постигне договор, патниците може да се соочат со продолжени доцнења и проблеми во текот на викендот поради веќе настанатата нестабилност.
Трамп дополнително најави дека не ја исклучува можноста за распоредување на Националната гарда во аеродромите за да се стабилизира ситуацијата.