Криза со компир во Европа: производителите во загуба, вишокот ги урива цените

Европа се соочува со сериозен вишок на компир кој доведе до пад на цените, а во некои случаи и негативни цени, при што земјоделците дури плаќаат за да се ослободат од родот.

Европскиот пазар на компир се наоѓа во необична и сериозна криза, откако огромен вишок на производство доведе до драстичен пад на цените, а во одредени случаи тие паднаа и во негативна зона. Тоа значи дека дел од земјоделците не само што не заработуваат, туку мораат да плаќаат за да се ослободат од својот род.

Во некои земји како Холандија, цените за сточен компир паднаа дури и до минусни вредности, што се објаснува со трошоците за транспорт, складирање и уништување на вишокот. Дел од огромните количини компир завршуваат како сточна храна или се користат во постројки за биогас, наместо на пазарот за човечка исхрана.

Најпогодени се Холандија, Белгија, Германија и Франција, каде што производството значително се зголемило во изминатите години поради висока побарувачка и поволни договорни цени со преработувачката индустрија. Земјоделците во тој период ги прошириле површините под насади, очекувајќи стабилен пазар и добар откуп.

Ситуацијата дополнително се влошила кога побарувачката нагло опаднала, додека производството останало на високо ниво. Во исто време, извозните можности надвор од Европската унија се намалиле, а геополитичките тензии и зголемената конкуренција од земји како Кина, Индија и Египет дополнително го оптоваруваат европскиот агросектор.

Според проценките, вишокот на компир во Европската унија достигнува околу 3,3 милиони тони, а експертите предупредуваат дека во моментов нема брзи индикации за стабилизација на пазарот, што значи дека притисокот врз производителите би можел да продолжи и во наредниот период.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни