Криза на пазарот на криптовалути: аналитичарите велат дека овој пад е поинаков од претходните

Пазарот на криптовалути се наоѓа во сериозна криза веќе два месеца, а загубите се мерат во стотици милијарди долари, предупредуваат аналитичарите.

Според податоците на специјализираната платформа CoinGecko, која повеќе од една деценија го следи криптопазарот, вкупната пазарна капитализација во втората половина од годинава се намалила од околу 3,75 билиони долари на 3,1–3,2 билиони долари. Тоа значи дека за краток период исчезнале повеќе од 600 милијарди долари пазарна вредност.

Како главни причини за падот се наведуваат зголемената макроекономска неизвесност, најавените царини на Доналд Трамп, стравот од нов инфлациски бран и очекувањата за помали намалувања на каматните стапки. Дополнително, кризата е продлабочена од масовно затворање позиции, послабо институционално инвестирање и традиционално помалиот обем на тргување во декември.

Аналитичарката на Deutsche Bank, Марион Лабуре, оценува дека актуелната состојба е резултат на зголемената легитимност на биткоинот и другите криптовалути, поради што и причините за нивниот пад сè повеќе наликуваат на оние кај традиционалните финансиски пазари.

„За разлика од претходните падови, кои беа поттикнати главно од шпекулативно однесување на малите инвеститори, овој пад се случува во услови на значително институционално учество, регулаторен развој и глобални макроекономски трендови“, вели Лабуре.

Голем дел од аналитичарите сметаат дека станува збор за длабока, но здрава корекција во рамки на подолг пазарен циклус и очекуваат постепено закрепнување и раст во текот на следната година.

Сличен став има и Ник Пакрин, инвестициски аналитичар и коосновач на платформата The Coin Bureau, кој наведува дека криптопазарите сè повеќе функционираат според правилата на класичните берзи.

„Да, моментално сме во криптокриза, но историјата покажува дека најтешките периоди често носат и најсилни опоравувања. За долгорочните инвеститори ова може да биде можност, но за краткорочно тргување ризикот е исклучително висок“, вели Пакрин.

Регулацијата ја менува природата на криптопазарот

Иако криптовалутите првично беа замислени како нерегулиран дигитален облик на пари, денес тие сè повеќе влегуваат во институционални и регулаторни рамки.

Во Европската Унија, регулативата за пазарот на криптоимот (MiCA) стапи во сила уште во 2023 година, во повеќе фази, со што се воспоставуваат унифицирани правила за издавање, тргување и надзор на криптоимотот. Целта е поголема транспарентност и подобра заштита на потрошувачите.

Сличен процес се одвива и во САД, каде федералните агенции годинава воведоа построга контрола, но и појасни правила за конверзија на криптовалути во класични валути.

Аналитичарите од платформата Bitunix оценуваат дека криптопазарот влегол во фаза на „институционализација со зголемена чувствителност“, каде регулацијата носи стабилност и ликвидност, но пазарот останува ранлив на геополитички и економски шокови.

Очекивања за опоравување, но со претпазливост

Извршната директорка на Ark Invest, Кети Вуд, верува дека падот е привремен и дека враќањето на ликвидноста и технолошкиот напредок ќе придонесат за брз опоравок на криптовалутите.

Сепак, таа посочува дека високите каматни стапки, намалената ликвидност и зголемениот претпазлив став на инвеститорите продолжуваат да вршат притисок врз сите форми на ризичен имот, вклучително и криптовалутите.

И покрај доминантниот оптимизам, дел од аналитичарите предупредуваат дека нестабилноста може да продолжи поради глобалната економска и геополитичка неизвесност. Сепак, повеќето се согласуваат дека на долг рок криптовалутите неминовно ќе влезат во нов циклус на раст.

Извор: Index.hr

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни