Кривична пријава за тероризам поради звучниот напад за време на протестот во Белград

Фото: EPA-EFE/ANDREJ CUKIC

Шест граѓански организации од Србија – Белградски центар за човекови права, Граѓански иницијативи, Комитетот на правници за човекови права – ЈУКОМ, Иницијатива А 11, ФемПлац и ЦРТА – поднесоа кривична пријава до Обвинителството за организиран криминал против непознати лица, поради сомневање за тероризам.

Настанот, според пријавата, се случил на 15 март 2025 година, кога за време на одбележувањето на 15-минутна тишина, било употребено „неидентификувано опасно средство со кое беше прекинат мирниот протест во Белград“, соопшти ЦРТА.

По протестот, над 4.000 граѓани одговориле на повикот на организациите да споделат искуства – од чувства на паника и страв, до телесни повреди. Над 3.000 анонимизирани сведоштва се објавени на платформата zvuk.labs.rs.

Претседателката на ЈУКОМ, Катарина Голубовиќ, на конференција за медиуми одржана на 9 април, изјави:
„На 15. март се случил напад врз животот, телото и слободата на голем број граѓани, заради што поднеле кривична пријава до Обвинителството за организиран криминал.“ Таа додаде дека организациите се во контакт и со Првото основно јавно обвинителство во Белград, кое води сопствена предистрага.

Голубовиќ истакна дека масовниот одзив на граѓаните „јасно укажува на загриженоста дека некој се обидел да изврши напад врз нив и ја отсликува длабоко вкоренетата недоверба на граѓаните во институциите на системот.“

Организациите веќе се обратија и до Обединетите нации, што активираше неколку специјални процедури. Дополнително, поднесено е и барање за привремена мерка пред Европскиот суд за човекови права.

Како што посочи Владица Илиќ од Белградскиот центар за човекови права, на 8 април истекол рокот до кој Република Србија требало да достави одговор до Судот:

„Во склад со наративот што се користи за обраќање до јавноста, државата во својот одговор до Европскиот суд за човекови права ја негираше употребата и поседувањето на какво било сонично или слично оружје.“

Платформата zvuk.labs.rs ги содржи сведоштвата групирани по зони – од Палатата Албанија до Славија во центарот на Белград. Таму се анализирани и „звук и други сетилни дразби“, со фокус на психолошките ефекти: страв, вознемиреност, конфузија, укоченост – последици што, кај некои граѓани, траат веќе скоро еден месец.

Ѓорѓе Кривокапиќ од Фондацијата Шер објасни дека се обработуваат и технички податоци за карактерот на нападот.

Според анализите на EarShot, непрофитна организација специјализирана за звук, настанот е снимен од најмалку четири агли и е забележана бучава налик онаа што ја создава уредот „звучен топ“, модел Vortex Ring Gun или Vortex Cannon.

Професорот по социјална психологија Клифорд Стот од Универзитетот Кил, во своето прелиминарно мислење, заклучи: „Однесувањето на луѓето во текот на инцидентот е нагла промена на однесување која не е последица на лажна тревога, туку на присуство на надворешна сила или стимул кој заслужува дополнителна истрага.“

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни