Грчката полиција ја разби криминалната организации, уапси 22 лица меѓу кои и водачот, дополнително обвинети се уште осум лица, додека пак затворени се седум бензински пумпи, а на три се врши проверка.
Директорот на Дирекцијата за борба против организираниот криминал на грчката полиција Фотиос Дуицис на прес-конференција информираше дека претходела повеќемесечна истрага на надлежните сектори во полицијата во соработка со Независната управа за јавни приходи, а криминална организација имала активности во Атика, Солун, Трикала, Лаконија, Арта и Волос и одржувала врски во Романија, Полска, Бугарија и Албанија.

Во рамките на криминалната организација постоеле две различни подгрупи: едната се занимавала со систематски увоз на хемиски растворувачи од странство и нивно мешање со гориво, а втората се занимавала со фиктивен извоз на бензин, избегнувајќи плаќање даноци и царини, а паралелно користеле и нелегален софтвер на бензиските пумпи.
Објасни дека само во 2025 година, нелегално се тргувало со над 1.340.000 литри бензин и повеќе од 212.000 литри хемиски растворувачи, при што вкупната корист што ја остварила организацијата се проценува на најмалку 3 милиони евра, а во исто време, даночните загуби за државата надминуваат 1,5 милиони евра.
– Би сакал да споменам една констатација заснована на едноставна пресметка што ја направив. Земајќи ја предвид количината на гориво што беше шверцувано и споменато погоре и проценувајќи дека еден обичен резервоар се полни со педесет литри, над 30.000 возила беа снабдени со шверцувано фалсификувано и дефицитарно гориво во овој период, објасни Дуицис.

Бензинските пумпи каде што завршило разреденото гориво се во области на Атика, поширокиот регион на Атина, како и во делови на Трикала, Епир и Лаконија.
Портпаролката на грчката полиција Константина Димоглиду објасни дека меѓу другото, криминалната организација на грчка територија внесувала големи количини безоловен бензин од Романија и Бугарија, базирано на сложена шема на фиктивен извоз во Албанија, со злоупотреба на царинските процедури.
– На царинските органи на Романија, Бугарија и Грција им се пријавуваше дека пратките се наменети за албанска компанија, но во пракса бензинот остануваше во Грција за нелегално дистрибуирање, а извозот формално изгледаше како завршен, објасни Димоглиду.