Крик – за подобро и поинклузивно општество

Илија, Весна, Стефан, Мартин и Даме, корисници на социјални услуги, не пречекаа во Центарот за младински активизам „Крик“ со топли прегратки и насмевки кои ги разнежнија нашите срца. Овој пријатен пречек веднаш ни покажа дека сме дел од нешто посебно и значајно. Како знак на добредојде, тие ни подарија маички со нашето лого, кои не само што беа знак на благодарност туку и спомен кој ќе нè потсетува на незаборавното искуство што го доживеавме таму. Јас и Надица, фотографката на Трн, останавме во Центарот повеќе од три часа, затоа што сите сакаа да ни раскажат своите приказни и да споделат дел од своите емоции.

Во Центарот разговоравме со Евгенија Јанакиеска, Константин Карадафов, Ангела Здравковска и Стојан Андонов кои ни открија колку значајна е мисијата на Крик и колку многу се вложуваат во нивната работа со лицата со и без попреченост.

Трн: Која е мисијата и визијата на Крик ?

Евгенија: Целта на организацијата е да создава активни граѓани од младите кои ќе бидат вклучени во нивната заедница и тоа го прави преку организирање на различни активности на работилници, обуки, размени кои ги вклучуваат младите со и без попреченост со цел да ги сруши бариерите кои што постојат меѓу нив, да ги елиминира стереотипите коишто доведуваат подоцна до дискриминаторски однесувања и на тој начин да создаде едно поинклузивно, поправедно и поеднакво општество.

Евгенија Јанакиеска, проектен координатор

Трн: Кои се главните активности и проекти на Центарот?

Евгенија: Крик има Извршна канцеларија преку која што ги спроведува активностите кои се насочени кон младите лица со и без попреченост меѓутоа имаме проекти наменети кон возрасните лица со попреченост. Покрај Извршната канцеларија, имаме и Центар за окупациона терапија во која има активности во понеделник среда и петок во која што се работи заедно со окупационен терапевт и психолог. Во овој центар имаме поразличен тип на активности: нижење на монистра, сликање на уметнички дела, фотографија, музика и слично. Понатаму како дел од процесот е институционализација на лицата со попреченост и живеење во заедницата и за таа цел координира три групни мали домови со 24 часовна поддршка со негуватели. Во секој од малите домови живеат по 5 корисници или вкупно 15 корисници, а со поддршка на Ирис мрежата во моментов сме во процес на отворање и на четврта куќа, станбена заедница.  Во домовите живеат возрасни лица кои претходно живееле во големите затворени институции како Демир капија и слично кој веќе нема корисници, туку сите се раселени во заедницата. Има негуватели кои постојано работат со нив во смени, како готвење, чистење, потшишување и сите активности поврзани со самогрижата, а многу често доаѓаат и на социјални активности и активности кои ги организира Крик, така што тие што се физички подвижни доаѓаат. Најмногу што може се обидуваме да ги вклучиме во активностите кои што се и надвор од малите групни домови. Покрај деинституционализацијата, покрај бројката на живеење во големите институции важно е да се сруши и таа институционална култура, односно малите групни домови не само што ќе бидат лимитирани по бројка, туку и таа култура да не излегуваат, да немаат прошетки, да немаат активности, да бидат изолирани од заедницата, да се сруши. Тоа е дел од националната стратегија за раселување на корисниците и нивна деинституционализација.

Ангела Здравковска, проектна координаторка

Трн: Како се пријавуваат корисниците на малите групни домови?

Ангела: Во соработка со Министерството за труд и социјална политика и Центрите за социјална работа, бидејќи Крик е лиценциран давател на социјална услуга при Министерството за социјална политика и во координација со тие институции се бираат корисниците за кои се сосема бесплатни овие услуги.

Исто така КРИК има сос линија за пријавување на врсничко насилство во соработка со општина Кисела вода.

Покрај тоа има и бесплатно психолошко советувалиште за млади кои што можат да дојдат и да добијат психолошко советување. Во Ценатрот за окупациона терапија, покрај овие групни активности, можат да дојдат корисници и на индивидуални сесии.

Би додала дека волонтерите кои ни доаѓаат преку Еразмус плус програмата гледаме да ги вклучиме и тука и во групните домови, во вид на работилници, при што тие си го прават планот, дали ќе биде работилница за хигиена, или за самогрижа, а кога ќе дојдат во групните домови помагаат со прошетки, пазарење и слично. Се работи за волонтери од Европа кои доаѓаат на пократок или подолг рок и  плус волонтери од Мировните сили.

Константин Карадафов, извршен директор

Трн: Повеќе за Младинските летни кампови?

Константин: Оваа година, седма година по ред ќе се одржи Летниот младински инклузивен камп на којшто се пријавуваат лица со и без попреченост. Се формира екипа од 50 луѓе, составена од 20 луѓе со попреченост и 20 без попреченост и десетмина кои ќе ги организираат и координираат активностите. Оваа година за прв пат Младинскиот летен камп се спојува со летниот одмор кој што го организира Крик за корисниците од малите групни домови. Од 10 до 14 август ќе се организира Летниот младински инклузивен камп и Летниот одмор во извидничкиот центар Охрид заедно во организација со Сојузот на извидници. Летните младински инклузивни кампови започнале во 2017 година и таа година имаше поддршка од Уницеф, а беа формирани три кампови од мешани групи од лица со попреченост и лица без попреченост и таа година имаше многу позитивен фидбек и од страна на родителите. Следната година Крик се одлучи традиционално секоја година да ги организира овие летни младински инклузивни кампови. Меѓутоа низ годините многу ни беше тешко, најмногу заради  финансиски средства бидејќи сме непрофитна организација. Од претходната година почнавме со јавни кампањи и тогаш собравме од млади претприемачи 90 – 100 000 денари и успеавме со таа донација да го реализираме кампот. Донации собиравме и за корисниците од малите групни домови кои по 30 – 40 години сместени во домот во Демир капија не виделе ниту езеро, ниту река, ниту плажа и од лани почнавме со проектот Летен одмор кој исто така се покажа како многу успешен, годинава ги носиме пак.

Трн: Кој се планирани идни активности на Крик?

Ангела: Со поддршка на Ирис мрежата заедно со отворање на четвртата станбена заедница за поддржано живеење која е во тек на отворање, се отвора и стартува Социјалното претпријатие  „Крик“ чија што примарна дејност ќе биде печатење на текстилни материјали. Веќе се набавени печатач, преса и се инсталирани и во тек се и обуките на лицата со попреченост. Предвидено е десетина од нив да работат со скратено работно време во оква социјално претпријатие и за тоа да добиваат плата.

Во последно време се фокусираме на вработливост на лицата со попреченост бидејќи многу е тешко да остварат доход.

Им недостига во животот поголема автономија, можност за вработување, да бидат активно вклучени во општеството.

Трн: Кои се најголемите успеси на организацијата?

Евгенија: Окупациониот центар кој е прв и единствен од ваков вид и се разбира групните домови.

Окупациона терапија не постои како професија ниту во Аврм не можеш да ја регистрираш, туку се регистрирани како психолози. За среќа во Македонија има 3 окупациони терапевти во Македонија, Стојан Андонов е еден од нив, кој работи во Крик. Стојан има 76 години и е пензиониран здравствен работник од Бардовци.

Стојан Андонов, окупационен терапевт

„Во Центарот работам скоро три години. Претходно целиот работен век го поминав работејќи во Бардовци. Начинот на работа е скоро ист, меѓутоа има секако некои варијанти во однос на различните дијагнози и слично.

Принципот со окупациона терапија е исклучиво индивидуален, секој човек си е различен по карактер и по други карактеристики.

За жал кај нас во Македонија не ја препознаваат оваа струка и нема катедра ниту каде да се изучува оваа професија која е многу важна во тој систем на рехабилитација и инклузија на лицата со попреченост. Јас имав среќа како млад да студирам во Љубљана и таму дипломирав како окупационен терапевт. Во целиот регион го има ова како професија, само кај нас го нема.

Оваа терапија може многу да помогне во повеќе сфери на лицата со попреченост.

Целта на окупационата терапија е да го оспособи иоцето коешто има попреченост за секојдневниот живот. Заради некоја дијагноза луѓето не можат да си ги извршуваат своите секојдневни работи, самогрижа, да знае да се снајде во градот, да појде од една до друга точка во градот, да знае да си купи нешто…Воглавном работата на окупациониот терапевт е поделена во три полиња: самогрижа, помош при учењето и работата (да се адаптираат програмите за овие лица) и креативен пристап.

ОКУПАЦИОНА ТЕРАПИЈА Е ДА ГИ ВКЛУЧИ ВО ЗАЕДНИЦАТА.

На почетокот ние правиме прво проценка на корисниците и тоа на секој индивидулано, за секој имам изработено индивидуален план, за тоа што може, што не може. Имаме часови по лична хигиена, англиски, готвење итн. Имаме група од над 20 луѓе над 18 години. Имаме луѓе овде што до 20 години биле потполно изолирани од светот, родителите не ги изнесувале надвор, бидејќи за жал стигмата кај нас се уште постои, имаме луѓе кои за прв пат излегуваат од дома, не оделе на училиште, не знаат букви, не знаат ништо и затоа потенцирав дека по тој личен план правиме проценки и индивудални планови.

Илија кога дојде овде за секој непознат плачеше. Претходно го знам од населбата Кисела вода бидејќи често шеташе и талкаше низ неа. Една реакција неверојатна а има 47 години и веќе се научи овде да разговара, да комуницира, сега е сосема друг, одвај чека да зборува.

Момчето што седеше на фотељата има 20 години, не зборуваше ништо, ниту одел на училиште, ниту ништо, а сега почнува да разговара повеќе невербално ама се разбираме.

Има неверојатен бенефит, комбинирано во ланец на едукатори и стручни лица.

Имаме музико терапија,ликовна терапија, театар терапија итн. Има палета на образование кои што треба човек да ги знае. Да речеме во среда имаме музичка среда, имаме бенд свириме сите заедно. Групата оди на прошетки, посетуваме јавни настани, одиме на викенди..

Се најдов себеси во оваа професија – истакна Стојан Андонов, окупационен терапевт.

Она што навистина не воодушеви беа Летните младински кампови и Летниот одмор, кои се од големо значење за деинституционализација на овие лица. Овие иницијативи не само што ги рушат бариерите помеѓу различните групи, туку и создаваат заедништво и разбирање, при што секој учесник се чувствува прифатен и вреднуван.

Она што најмногу не фасцинираше беше неуморната посветеност и големите срца на Евгенија, Константин и Ангела. Тие покажаа дека имаат вистинска љубов и грижа за сите луѓе со кои работат. Нивната искреност и позитивна енергија беа присутни во секој момент од нашиот престој таму, во обичните разговори, во нивната интеракција со корисниците и во секојдневните активности. Тоа беше нешто што не можеше да се одглуми; тоа беше искрено и длабоко чувство на заедништво и човечност.

Крик е вистинската промена која сакаме да ја видиме во односот кон лицата со попреченост. Овој Центар е светилник на надеж и пример за тоа како треба да се работи за подобро и поинклузивно општество. Тие се гласот на младите кои сакаат да направат промени и да придонесат за заедницата, и со нивната работа покажуваат дека сите ние можеме да направиме разлика кога работиме со срце и посветеност.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни