Русија и САД остваруваат напредок во мировните преговори за Украина, а Москва е подготвена да продолжи со соработката со актуелниот американски тим, соопшти Кремљ.
Претседателот Владимир Путин во вторникот навечер одржа петчасовни разговори со двајца американски специјални пратеници, на кои – според Кремљ – прифатил дел од елементите на мировниот план подготвен од САД.
Путин повторно го истакнал барањето Русија да добие целосна контрола врз украинскиот регион Донбас, додавајќи дека Москва ќе го преземе регионот со сила доколку украинската армија не се повлече.
Високиот советник на Путин за надворешна политика, Јуриј Ушаков, изјави за руските медиуми дека во разговорите има видлив напредок, што Кремљ го оценува како охрабрувачко.
„И подготвени сме да продолжиме со соработката со овој американски тим“, додаде тој.
Државната новинска агенција РИА пренесе дека Кремљ сега ја очекува „реакцијата на нашите американски колеги“ по одржаните разговори.
Реакции од Киев
Украина бара итен прекин на огнот и го обвинува Путин дека само се претвара дека е заинтересиран за мировни преговори, додека во пракса ја продолжува војната.
Истовремено, Киев стравува дека Доналд Трамп и Путин би можеле да постигнат договор што би ја принудил Украина да прифати крајно неповолни услови, оставајќи ја ранлива за идни напади од Русија, пренесува Reuters.
Русија, пак, тврди дека е сериозна во намерата да го заврши конфликтот, но дека своите цели ќе ги оствари со воени средства ако не може да ги постигне по дипломатски пат.
