Разговор со Бојан Саздов, главен и одговорен уредник во Идавачки центар ТРИ

„Креативна Европа“ носи квалитетни литературни дела и ги поврзува луѓето од различните култури

Поголемиот дел од овие книги се некомерцијални, односно се обраќаат на помала читателска публика и на читателите со истенчен вкус. Кај овие книги успехот не се мери преку бројот на продадени примероци, туку дали книгата стигнала до вистинскиот читател.

Во динамичниот пејзаж на македонската литература, програмата Креативна Европа се наметна како светилник на поддршка и можност, негувајќи ги уметничките таленти на нациите. Оваа европска иницијатива, посветена на поттикнување на креативноста и културната размена, најде посветен сојузник во  Издавачкиот центар „Три“. Преку стратешко искористување на грантови на Креативна Европа, „Три“ започна процес, вдишувајќи живот во страниците на извонредната литература и со тоа обезбедувајќи гласовите на најдобрите европски автори да допрат и до македонската читателска публика. Прочитајте подолу за тоа како „Три“ ја користи моќта на овие грантови за објавување литература со исклучителен квалитет и значење.

ТРИ веќе подолго време ја користи можноста за поддршка од програмата на Креативна Европа со цел да ги претстави и застапи помалку познатите, но квалитетни автори од различните делови од континентот. Целта е јасна – да го збогатиме изборот на квалитетна литература во одличен превод на македонски јазик, а дополнително преку различните промотивни активности да учествуваме при афирмација на современата европска книжевност кај нас и секако, да овозможиме најинтересните книги од Европа да стигнат до рацете на нашите читатели кои го заслужуваат тоа“, изјави Бојан Саздов, главен и одговорен уредник во Издавачки центар Три за читателите на Трн.

Трн: Како ги избирате книгите и авторите што ги преведувате и објавувате? Кои критериуми ги користите за да ги направите овие избори?


Бојан:
Секогаш е предизвик да се биде оригинален во изборот на централна тема за овие проекти, да се обезбедат вистинските наслови, да се следат насоките на ЕУ и иницијативите на Европската Комисија. Истовремено, се стремиме кон тоа темата да биде полезна и да влијае врз подобрување на општеството и животот во нашата земја. Нашиот овогодишен проект ги опфаќа актуелните теми на глобалното затоплување, родовата рамноправност, дискриминација на лицата со попреченост итн. и овие теми преовладуваат во книгите што ќе ги преведеме и објавиме во текот на следните 20 месеци. Проектот ќе даде придонес кон подобро разбирање на различностите, како и кон подигнување на свеста на климатските промени што е и една од најактуелните глобални теми која ретко ја среќаваме во книгите.

Трн: Каква улога играат грантови од програми како Креативна Европа во поддршката на вашите издавачки потфати? Како овие грантови влијаеја на вашата способност да донесете разновидна европска литература до македонските читатели?

Бојан: Програмата на Креативна Европа е посебно добредојдена во малите културни средини како нашата, затоа што помага да се создаде еден широк избор на квалитетна некомерцијална литература која е важна за развој на книжевната сцена. Со помош на оваа програма ТРИ објави голем број вредни книги кои, верувајте, никогаш не би биле во можност самите да го објавиме. Затоа овие проекти не ни носат радост само на нас, туку и на преведувачите, лекторите, авторите и сите други активни учесници во проектите.

Трн: Можете ли да го опишете процесот на преведување? Со какви предизвици се соочувате кога преведувате книги од различни европски јазици на македонски и како ги надминувате? Дали кај нас има преведувачи од сите јазици?

Бојан: Книжевниот превод е многу специфичен и токму поради тоа, преведувачите секогаш се, пред сè, страсни читатели. Ние во ТРИ посветуваме многу внимание на преводот, најмногу во изборот на преведувач за конкретниот наслов  – што е една од нашите поважни задачи. Квалитетниот превод е исто така е значаен аспект на проектите и не е случајно што ја истакнуваме нивната улога – нивните имиња и биографии се наоѓаат веднаш до имињата на авторите, учествуваат во промоцијата на делата, водат дискусии и работилници итн.

Инаку мој впечаток е дека оваа програма, како и останатите фондации и фондови што финансираат преводи, ја одржуваат преведувачката дејност кај нас и поттикнаа многумина да се посветат на книжевниот превод. Во последниов период забележуваме дека се појавуваат сè повеќе преведувачи и за помалку зборуваните јазици.

Трн: Колку е застапена литературата за деца со програмата Креативна Европа?

Бојан: Литературата за деца во минатите неколку години беше во фокусот на програмата и ефектите од тоа веќе се забележува – во книжарниците има многу нови преведени детски изданија од нови имиња. Колку таа успева да допре до најмладите – тоа ќе покаже времето, но во недостаток на оригинални македонски изданија овие преведени дела се добредојдени за оваа група љубопитни читатели. 

Трн: Дали за овие дела се развива интерес како и за оние „комерцијалните“ и колку е важно да се доближат до македонската публика во насока на изградување на нивниот читателски сензибилитет?

Бојан: Поголемиот дел од овие книги се некомерцијални, односно се обраќаат на помала читателска публика и на читателите со истенчен вкус. Кај овие книги успехот не се мери преку бројот на продадени примероци, туку дали книгата стигнала до вистинскиот читател.

Трн:  Дали средставата што се одобруваат за превод и објавување на една книга од програмата Креативна Европа се оние референтните кои се потребни за издавање на еден наслов, дали соодветствуваат со оние што се издвојуваат за останатите наслови?

Бојан:Средствата што ги добива издавачот се во износ од 50 % од вредноста на проектот. Така што, финансирањето на ЕУ е само делумно, а издавачот има обврска да ги обезбеди останатите средства за да ги реализира сите активности – освен да ги преведе и објави книгите, да ги дистрибуира, промовира, да организира настани, гостувања на автори итн. Високите критериуми на ЕУ во избор на проектите реално ги подигна стандардите на издаваштвото кај нас, што е навистина позитивна придобивка на долг рок.

Трн: Според вас, како преводот и објавувањето на европската литература придонесува за културна размена и разбирање во Македонија? Каква улога игра во негувањето на чувството за европски идентитет и единство?

Бојан: Литературата ја има таа моќ да ги поврзува луѓето и културите, така што сите проекти од овој тип ја зацврстуваат врската помеѓу земјите од Европа и Македонија. Истакнувањето на поддршката на ЕУ на сите книги и материјали остава позитивен впечаток кај јавноста и придонесува да се зацврсти тоа чувство на припаѓање, на единство.

Трн: Кои македонски автори сметате дека треба да бидат преведени и на други јазици?

Бојан: Посакувам авторите да бидат не само преведени, туку и читани и препорачувани. Тоа значи да најдат место кај вистинските издавачи кои ќе застанат зад нив и ќе ги доближат до што е можно повеќе читатели. Има квалитетни имиња од домашната сцена што би успеале на европско, па и светско рамниште, а некои од нив веќе и успеаја да се пробијат таму. Се надевам дека на повеќето ќе им се отвори патот кон светското издаваштво, пред сè заради универзалните теми што ги опфаќаат. Тој пат е долг, но со вистинската насока не е неостварлив.

Трн: Малиот принц или Зоки Поки?

Бојан: И двете – едната дека ме потсетува на детството, другата ме потсетува да останам дете.

Најново

Последни колумни