Крај на паниката? Истражувањата откриваат дека планетата не умира… барем не уште

Според нова студија, стапките на изумирање на видовите не се доволно високи за да се сметаат за шесто масовно изумирање. Научниците истакнуваат дека кризата со биолошката разновидност е реална, но не катастрофална.

Ново истражување ја доведува во прашање тезата дека сме сведоци на шесто масовно изумирање на видовите на Земјата и нуди поинаква перспектива за актуелната криза со биолошката разновидност. Иако е факт дека човечките активности доведоа до истребување на стотици видови, а многу други се соочуваат со драматично намалување на популацијата, научниците велат дека тоа не претставува катастрофа слична на онаа што ги избриша диносаурусите, објави CNN.

Некои научници, врз основа на податоци за исчезнувањето на видовите, заклучија дека сме влегле во шесто масовно изумирање – процес што би можел да се спореди со она што се случило пред 66 милиони години кога исчезнале диносаурусите. Разликата е во причината: овој пат не е астероидот, туку уништувањето предизвикано од луѓето.

„Стапките на изумирање опаѓаат“

Најновата студија тврди дека иако загубата на биолошката разновидност е проблем, растенијата, животните и инсектите не исчезнуваат со доволно брза стапка за тоа да се класифицира како масовно изумирање. За еден настан да биде класифициран како масовно изумирање, потребно е да исчезнат најмалку 75% од сите видови во краток геолошки период – нешто што се случило само пет пати во 4.5 милијарди години историја на Земјата.

Авторите нагласуваат дека неодамнешните изумирања се релативно ретки и претежно ограничени на одредени, изолирани живеалишта како острови. Податоците укажуваат дека стапките на изумирање се намалуваат, делумно поради зголемените напори за заштита на видовите, особено цицачи и птици.

„Секое изумирање е трагедија и не смеело да се случи, ниту смее да се дозволи во иднина“, изјави Џон Виенс, еден од авторите и професор по екологија и еволутивна биологија на Универзитетот во Аризона.

„Во последниве 500 години изумреле 102 вида“

Анализата, која ја спровеле Виенс и Кристен Сабан од Харвард, опфатила податоци за повеќе од 163.000 растителни и животински видови. Фокусот бил на изумирања на ниво на род од 1500 година до денес.

Во изминатите 500 години изумреле 102 рода – 90 животински и 12 растителни. Најпознати меѓу нив се додото (Raphus), морската крава на Стелер (Hydrodamalis) и родот Cylindraspis – џиновски желки од Маврициус.

Податоците покажуваат дека повеќето изумирања се кај цицачи (21 род) и птици (37 родови), што претставува околу 0.45% од вкупно 23.000 проценети родови. Клучен заклучок е дека поголемиот дел од изумирањата се случиле на острови.

„Островските екосистеми се исклучително ранливи на инвазивни видови донесени од луѓето и затоа не се репрезентативен индикатор за глобалниот ризик од изумирање“, објасни Виенс.

Изненадувачки, анализата покажа дека стапките на изумирање на родови започнале да опаѓаат, достигнувајќи врв кон крајот на 19. и почетокот на 20. век.

Кризата на биолошка разновидност

Овие наоди се спротивни на студијата од 2023 година, која тврдеше дека стапките на изумирање „драстично се зголемуваат“ и дека веќе сме во средината на шесто масовно изумирање.

Виенс укажува дека таа студија ги исклучила рибите, инсектите и растенијата, што значи дека разгледала само мал дел од животот на Земјата. Сепак, авторите на таа студија, Херардо Себаљос и Пол Ерлих, стојат зад своите тврдења и велат дека концептот на шесто масовно изумирање и кризата на биодиверзитет се научно поврзани.

Независни експерти се согласуваат дека е важно да се направи разлика. „Кризата на биолошка разновидност постои, додека шесто масовно изумирање е прашање на интерпретација“, изјави Конрад Лабандеира од Националниот природонаучен музеј на Смитсонијан.

Стјуарт Батчарт од организацијата BirdLife International ја смета дебатата за масовно изумирање за одвлекување на вниманието.

„Масовните изумирања се случуваат релативно брзо во геолошки времеви рамки, но сепак траат илјадници до милиони години“, рече тој. „Тешко е да се знае дали последните неколку децении или векови претставуваат почеток на ново масовно изумирање.“

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни