Крај на една ера: Данската пошта по четири века го прекинува доставувањето на писма, 1.500 луѓе добиваат отказ

Поштата наведе дека последното писмо ќе биде испорачано на 30 декември 2025 година, бидејќи е принудена да реагира на „сè поголемата дигитализација на општеството“ и промените во формите на комуникација, пренесува Guardian


Данската пошта објави дека по повеќе од 400 години ќе престане со испорака на писма и ќе отпушти 1.500 луѓе за да се фокусира на бизнисот со пакети. Поштата наведе дека последното писмо ќе биде испорачано на 30 декември 2025 година, бидејќи е принудена да реагира на „сè поголемата дигитализација на општеството“ и промените во формите на комуникација, пренесува Guardian.

Компанијата Post Nord, која е создадена во 2009 година со спојување на шведската и данската поштенска служба, соопшти дека нејзината одлука нема да влијае на доставата на писма во Шведска.

Данската поштенска служба испорачува писма во земјата уште од 1624 година, но од 2000 та година нивниот број опаднал за повеќе од 90 проценти, се наведува во соопштението.

„За да создадеме одржлив бизнис, мораме да се прилагодиме, а тоа за жал подразбира тешка одлука да се простиме од некои од нашите колеги“, изјави извршниот директор на данскиот огранок на компанијата Post Nord, Ким Петерсен.

Post Nord од минатата година нема обврска да доставува пошта по цела Данска и изгубил голем дел од државната финансиска поддршка за своето работење.

Данскиот министер за сообраќај, Томас Даниелсен, се обиде да ги смири сограѓаните, изјавувајќи дека Данците ќе можат и понатаму да праќаат и примаат писма, бидејќи во земјата постои „слободен пазар и за писма и за пакети“, пренесува BBC.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни