Француските медиуми објавија дека 38-годишна жена е обвинета за соучесништво во организирана кражба и криминално здружување во врска со грабежот на накит вреден 88 милиони евра, извршен минатиот месец во парискиот музеј Лувр.
Обвинетата, која не е именувана, се појавила пред истражен судија кој наредил таа да остане во притвор. Жената била уапсена оваа недела заедно со уште четворица осомничени во и околу Париз. Еден од нив е ослободен без обвинение, додека двајца мажи веќе признале делумна вина за грабежот.
Според обвинителството, четворица крадци на 19 октомври, во сред бел ден, со украдено возило со механичка платформа влегле во Галеријата на Аполон (Galerie d’Apollon) – дел од музејот во кој се изложени вредни историски парчиња накит. Со сечење на витрините со дискова пила, тие успеале да ги земат драгоценостите и да избегаат за само четири минути, користејќи два скутери и два автомобили за бегство.
Накитот сè уште не е пронајден. Инцидентот предизвика сериозна реакција во Франција, а властите ги зајакнаа безбедносните мерки во сите големи културни институции, вклучително и во самиот Лувр, кој по настанот дел од своите највредни експонати ги префрли во Банката на Франција.