Кражбата на накитот од Лувр ја извршиле ситни криминалци, а не мафија, вели парискиот обвинител

Обвинителството во Париз соопшти дека зад спектакуларната кражба на накит вреден 88 милиони евра стои група локални сторители без врска со организираниот криминал, додека еден од нив сè уште е во бегство.

Двомесечната истрага за смелата дневна кражба на накит од музејот Лувр во Париз доби неочекуван пресврт: според париската обвинителка Лор Бекуо, кражбата не била дело на професионални криминалци – туку на локални сторители со ситно криминално досие.

Настанот се случил на 19 октомври, кога група крадци паркирала украден камион пред музејот, користела лифтови за мебел за да се искачи на првиот кат и за помалку од седум минути украла накит вреден околу 88 милиони евра. Меѓу украдените предмети биле и смарагдно-дијамантско ѓерданче што Наполеон I ѝ го подарил на својата сопруга Мари Луиза, како и дијадема со 212 бисери и речиси 2.000 дијаманти, некогашна сопственост на императрицата Евгенија, сопруга на Наполеон III.

„Ова не е обична деликвенција, но не се работи ниту за криминал од највисоките ешалони на мафијата,“ изјави Бекуо за Franceinfo, додавајќи дека сите осомничени потекнуваат од департманот Сена-Сен Дени, еден од најсиромашните региони во Франција.

До овој момент се обвинети четири лица, меѓу нив и 38-годишна жена и нејзиниот 37-годишен партнер, кои според обвинителството живееле заедно и имале деца. Во лифтот што го користеле при кражбата билa пронајденa нивнaта ДНК, по што се наоѓаат во притвор и ги негираат обвинувањата.

Покрај нив, биле приведени и 34-годишен државјанин на Алжир, кој живее во Франција од 2010 година, и 39-годишен Французин, кој веќе бил под судски надзор поради претходна тешка кражба. Обвинителството потврди дека тие делумно ја признале вината, а двајца од нив веќе биле осудувани за кражба пред десет години.

Истрагата дополнително потврдила дека сторителите ја испуштиле највредната круна на императрицата Евгенија за време на бегството, како и дека оставиле алати и лични предмети со ДНК траги, што ги зацврсти сомнежите дека се работи за аматери, а не за професионален тим.

Иако дел од осомничените се во притвор, еден сторител сè уште е во бегство, а украдениот накит не е пронајден.

„Се разгледуваат сите можности – од перење пари до нелегална трговија,“ изјави Бекуо. „Истражуваме дали накитот би можел да се појави на паралелниот пазар, но се надевам дека тоа нема да се случи.“

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни