Светот во пламен, а во Македонија не можеме да се справиме со 500 крави

Додека летаат ракети низ светот, во Крива Паланка 500 крави слободно шетаат и ги уништуваат имотите на граѓаните. Државата повеќе од една година не може да ги прибере. АХВ вели дека е виновна општината. Општината вели дека е виновна АХВ.

Додека светот го следи избувнувањето на војната на Блискиот Исток, во Крива Паланка тече петнаесеттата година на еден поинаков, но исто така нерешен конфликт. Петстотини крави слободно лутаат низ градот, ги уништуваат имотите на граѓаните, ја загрозуваат безбедноста во сообраќајот – и ниту една институција не е подготвена да земе одговорност.

Класичен македонски пинг-понг

Градоначалникот Сашо Митовски денеска изјави дека АХВ е единствената надлежна да ги одземе говедата, отфрлајќи ги обвинувањата дека општината одбива да соработува. „Решението е правосилно и извршно од април 2024 година, но до денес не е спроведено”, рече тој.

АХВ возврати дека кравите „не се собираат преку ноќ”. Топката е во воздух. Кравите — на улица.

Државата е сопственик на кравите – само на хартија

Истражувањето на БИРН од декември 2025 откри дека државата формално ги одзела животните од сточарот со години, но АХВ е сопственик само во документацијата – на терен кравите и понатаму лутаат без надзор, често преминувајќи ја и државната граница.

Државата успеа да стане сопственик на 500 крави на хартија, но не и во реалноста. Тоа е постигнување од особен вид, во период кога светот е во постојана криза и мораме да се надеваме дека властите се доволно подготвени да не извадат од неа. или барем да ги соберат кравите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни