Кран што учествувал во градежни работи денеска се урна во близина на главниот град на Тајланд, Бангкок, при што загинаа две лица, а пет се повредени, соопшти тајландската полиција.
Несреќата се случила во провинцијата Самут Сахон, каде што градежен кран, поставен за изградба на надземен автопат, паднал врз патот под него и згмечил две возила. Информацијата ја потврди полициски претставник за агенцијата Ројтерс.
Овој инцидент се случува само еден ден по тешката железничка несреќа на североистокот на Тајланд, кога кран се урна врз патнички воз во провинцијата Након Ратчасима. Тогаш возот излета од шините, а властите соопштија дека загинале 32 лица, додека 66 патници биле повредени, од вкупно 195 лица кои се наоѓале во возот.
Тајландските медиуми и институции предупредуваат дека ова е најновиот во серија сериозни и смртоносни инциденти поврзани со големи градежни проекти низ земјата, што повторно го отвора прашањето за безбедносните стандарди и надзорот на инфраструктурните работи.
