Локалните власти во швајцарскиот алпски град Кран-Монтана признаа дека во изминатите пет години не биле спроведени редовни противпожарни и безбедносни инспекции во барот „Le Constellation“, каде што за време на новогодишната ноќ загинаа 40 лица, а 116 беа повредени.
Градоначалникот на Кран-Монтана, Никола Феро, на прес-конференција одржана пет дена по трагедијата изјави дека инспекциите не биле извршени во периодот од 2020 до 2025 година.
„Редовните контроли не биле спроведени во наведениот период. Искрено и длабоко жалиме за овој пропуст“, изјави Феро, додавајќи дека во овој момент не може со сигурност да објасни зошто институциите не постапиле согласно прописите. Според него, општината немала информации дека контролите не се спроведуваат.
Истражителите сметаат дека пожарот најверојатно избувнал кога искрите од пиротехнички средства поставени на шишиња шампањ се доближиле до таванот за време на новогодишната прослава. Во тек е истрага дали материјалите за звучна изолација на таванот биле во согласност со противпожарните прописи и дали употребата на вакви пиротехнички средства била дозволена во локалот.
Градоначалникот потврди дека во септември минатата година бил ангажиран надворешен експерт за анализа на звучната изолација, кој утврдил дека барот ги исполнува правилата за заштита од бучава. Сепак, експертот не ја проверил состојбата на звучноизолациската пена, ниту дали таа била отпорна на оган.
Како итна мерка по трагедијата, локалните власти воведоа целосна забрана за употреба на сите видови пиротехнички и слични средства во угостителските објекти во Кран-Монтана. Феро ја опиша одлуката како „очигледна и неопходна“.
И покрај сериозните пропусти, градоначалникот изјави дека нема намера да поднесе оставка, нагласувајќи дека на судските органи им припаѓа одлуката дали општината ќе биде вклучена во кривичната постапка.
Швајцарските власти веќе отворија кривична истрага против управителите на барот „Le Constellation“. Тие се осомничени за ненамерно убиство, нанесување тешки телесни повреди од небрежност и предизвикување пожар од небрежност, соопшти обвинителството на кантонот Вале.
Поради тежината на изгорениците, идентификацијата на дел од жртвите била отежната, поради што од семејствата биле побарани ДНК примероци. Истражителите соопштија дека до неделата биле идентификувани сите 40 загинати лица, а во понеделникот биле потврдени и идентитетите на сите 116 повредени.
