Кандидатите на крајнодесничарската партија AfD не успеаја да победат на градоначалничките избори во ниеден од градовите во покраината Северна Рајна-Вестфалија (NRW), иако за првпат влегоа во втор круг во неколку поголеми градови.
Во неделата, на вториот круг од локалните избори во речиси 150 општини низ најнаселената германска покраина, јавниот радиодифузер WDR ја опиша ситуацијата како „црн бран“ – црната боја симболизирајќи ја партијата на канцеларот Фридрих Мерц, CDU.
Особено внимание беше насочено кон градовите Дизелдорф, Келн, Дуизбург, Гелзенкирхен и Хаген. Во последните три градови, кандидати на AfD се натпреваруваа за функцијата градоначалник за првпат во историјата на NRW – но сите беа поразени со голема разлика од кандидатите на CDU и SPD.
Историска победа за CDU во Дортмунд
Големо изненадување донесе Дортмунд, каде кандидатот на CDU, Александар Халоути, победи на изборите за градоначалник. Ова е првпат градот со силни работнички корени, каде од 1946 година па наваму владее Социјалдемократската партија (SPD), да добие градоначалник од конзервативна партија.
„Ова боли“, изјави лидерката на SPD во покраината, Сара Филип, за WDR.
CDU исто така победи во Леверкузен и Билефелд, како и во повеќе рурални окрузи каде традиционално има силна поддршка.
Успеси за SPD и Зелените
Но, изборите не донесоа целосен пораз за SPD. Во Келн, единствениот град во NRW со над еден милион жители, кандидатот на SPD, Торстен Бурмајстер, победи против Бериван Ајмаз од Зелените, која важеше за фаворит.
SPD исто така победи во Оберхаузен, Гелзенкирхен, Вупертал и Милхајм ан дер Рур, каде што ги надмина кандидатите на нивниот коалициски партнер – CDU.
Дизелдорф остана „црн“ (CDU), а Бохум „црвен“ (SPD). Зелените, пак, успеаја да освојат едно клучно место – за првпат во историјата ќе имаат градоначалник во универзитетскиот град Минстер, каде победија против CDU.