Министрите за финансии на Европската унија денеска се согласија дека во текот на 2026 година ќе воведат царини на пратки со вредност помала од 150 евра кои пристигнуваат во 27-те земји членки на Унијата.
Таквата одлука пред сè ќе ги погоди кинеските онлајн трговци Shein и Temu, пренесува Reuters.
Првичниот план на Европската унија беше ослободувањето од царини за мали пратки да се укине дури во 2028 година.
Сепак, милијардите пакети кои пристигнуваат во ЕУ, главно од Кина, предизвикаа силна реакција кај европските компании и ги натераа политичарите да делуваат значително побрзо.
Минатата година, 4.6 милијарди вакви мали пакети влегле во ЕУ – повеќе од 145 во секунда – од кои 91% потекнуваат од Кина.
Европската унија очекува овој број да продолжи да расте.
