Триесет и двегодишниот Џејтан Гилдер проголтал дијамантски обетки во моментот кога бил уапсен и приведен на 26 февруари.
Гилдер бил следен од детективи во болницата во Орландо со недели додека не ги „исфрлил“ обетките од своето тело, соопшти полицијата.
Сега Гилдер се соочува со обвиненија за грабеж и „голема кражба“ од прв степен. Компанијата за накит Тифани објави дека ги исчистила обетките.
Полицијата тврди дека Гилдер се претставил како асистент на НБА играч за да му ги покажат најдобрите парчиња накит во ВИП собата во Тифани во Орландо на 26 февруари.
Најпрво Гилдер им го одвраќал вниманието на вработените, а потоа одеднаш истрчал од продавницата со два пара обетки и прстен вреден 587.000 долари кој му испаднал при бегањето.
Кога полицијата го уапсила подоцна во текот на денот, видела дека Гилдер „проголтал неколку предмети за кои се верува дека се украдени обетки“.

Службениците кои го превезувале во затвор, наводно, го слушнале како вели: „Требаше да ги фрлам низ прозорецот“, пишува CBS News.
Во затворот ги прашал вработените: „Дали ќе бидам обвинет за она што ми е во стомакот?“
Полицијата подоцна објави рендген на абдоменот на кој јасно се гледа туѓо тело. Тој бил однесен во локална болница каде бил следен околу две недели додека не ги „исфрлил“ обетките.
Детективот Арон Гос рече дека „случајот брзо се претвори во маратон, наместо во спринт“.
Последната, четврта обетка полицијата конечно ја врати на 12 март. Тифани потврди дека украдениот накит е со сериски броеви.
Гилдер има долгогодишно досие во ограбување продавници за накит Тифани, од кои една ја ограбил во Тексас во 2022 година. Тој има 48 одделни налози за апсење издадени во Колорадо.