Крај на монополот? Европска комисија ќе наложи Apple да соработува со конкуренцијата

Европската комисија бара од Apple да овозможи бесплатна и ефикасна интероперабилност на хардверските и софтверските функции кои ги управуваат неговите оперативни системи iOS и iPadOS.

Европската комисија (ЕК) донесе прелиминарни заклучоци кои укажуваат на тоа дека Apple мора да овозможи интероперабилност на уредите iPhone со производи на конкурентски компании. Овој потег е дел од новиот Закон за дигитални пазари (DMA), кој има за цел регулирање на технолошкиот сектор и зголемување на конкуренцијата.

Apple се најде на мета на ЕК поради наводна ограничување на конкуренцијата со цел да ги фаворизира сопствените производи, како што се AirPods слушалките и Apple Watch паметните часовници. Комисијата во септември минатата година покрена истрага за да утврди дали и на кој начин Apple планира да обезбеди работа на своите уреди со паметни часовници, слушалки и VR уреди, на други производители. Посебно внимание е посветено на функции како што се известувања и поврзување на уредите.

Европската комисија бара од Apple да овозможи бесплатна и ефикасна интероперабилност на хардверските и софтверските функции кои ги управуваат неговите оперативни системи iOS и iPadOS. Овие функции се идентификувани како клучни платформи за кои Apple е означен како „gatekeeper“ во согласност со правилата на DMA.

Одговорот на Apple и што следува

Коалицијата CODE, која вклучува компании како што се Google, Meta и Lenovo, го поддржа овој пристап. „Веруваме дека интероперабилноста на хардверот ќе ја поттикне иновацијата и ќе ја зголеми конкуренцијата“, изјавиле од CODE. Според нив, корисниците ќе имаат поголем избор на уреди и услуги, без разлика на брендот.

Од друга страна, Apple реагираше критички. Компанијата тврди дека споделувањето на техничките спецификации може да ја загрози приватноста на корисниците. Во извештајот под наслов „Станува лично: Како злоупотребата на мандатот на DMA за интероперабилност може да ја загрози вашата приватност“, Apple истакнува дека е единствената компанија која е принудена да ги споделува своите иновации со конкуренцијата.

ЕК започна јавни консултации за да ги собере повратните информации за техничките детали, роковите и изводливоста на имплементацијата. Заинтересираните страни, вклучувајќи ги граѓаните и компаниите, имаат рок до 9-ти јануари да ги достават своите мислења, додека финалната одлука се очекува во март 2025 година.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни