Крај на една ера: Вимблдон без линиски судии првпат по 148 години

Полин Ејр, која 16 години била линиски судија на Вимблдон, вели дека со оваа промена се губи човечноста од тенисот.

„Спортот е за луѓе. А ние бевме дел од таа магија. Нашата работа беше точна, но и драматична. Сега нема на кого играчите да се пожалат, сè е стерилно,“ вели таа за CNN.

Линиските судии беа дел од визуелниот идентитет на Вимблдон – со елегантни униформи од Ралф Лорен и јасни повици на „аут“, тие беа симбол на традицијата. Но од оваа година, сите повици ги дава автоматски систем, познат како ELC (Electronic Line Calling).

Зошто промена?
Организаторите од All England Club велат дека целта е „максимална прецизност“ и „унифицирани услови“ за играчите, со оглед дека ATP, WTA, САД и Австралија Опен веќе ја користат оваа технологија. Единствено Ролан Гарос сè уште користи човечки судии за „аут“ и „фолт“.

Сепак, има и проблеми. За време на мечот меѓу Медисон Кис и Олга Даниловиќ, системот погрешно даде звучен сигнал за „аут“ меѓу два поени, предизвикувајќи смеа и збунетост. Други играчи се пожалија дека повиците се премногу тивки на терените со повеќе бучава.

„Аут!“ нема веќе да се слушне гласно
„Ние учевме да повикаме јасно и со авторитет. Тоа беше дел од театарот на Вимблдон,“ вели Ејр. „Сега, сè е потивко, побезлично. Атмосферата е сменета.“

Од околу 300 судии, годинава останаа само 80 како „матч асистенти“ – тука се само во случај на дефект на системот.

Играчите имаат поделени ставови – Сабаленка е „пола-пола“, но наклонета кон технологијата, додека Крејчикова и Тиафо отворено ја поддржуваат традицијата. За младите судии, пак, исчезна мотивацијата – нема повеќе цел да се стигне до Вимблдон

Вимблдон оди напред со технологијата, но дали по цена на својата душа?
Можеби линиските судии никогаш не беа ѕвезди на теренот, но беа чувари на традицијата. Денес, тие стануваат дел од историјата – а можеби токму сега ќе почнеме вистински да ја цениме нивната улога.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни