Барт Винман, раководител за AI Services во KPMG Netherlands – Зошто 95% од AI експериментите пропаѓаат?

Компаниите трчаат по алатки, а не по решенија

Иако светот вложува огромни средства во вештачка интелигенција, повеќето AI експерименти завршуваат без резултат. Според Барт Винман, раководител за AI Services во KPMG Netherlands и еден од главните говорници на AI Tech Summit Skopje 2025, проблемот е длабоко системски: организациите го започнуваат процесот од погрешниот крај.

Компаниите често влегуваат во AI само затоа што „треба“, не затоа што имаат јасно дефиниран проблем што треба да се реши. Токму затоа најчесто остануваат заглавени во пилот-фаза — создаваат алатки, но не создаваат вредност. Наместо да се постави вистинска деловна потреба, се развива демо-модел кој нема каде да се вгради.

AI не функционира во компании поделени на силоси

Винман нагласува дека ниту еден модел на вештачка интелигенција не може да даде резултат во организација каде што продажбата, маркетингот, финансии и поддршка работат како одвоени острови. Во традиционалните компании, особено на Балканот, одделите функционираат целосно изолирано — секој со свои податоци, свои процеси и свои приоритети.

Според KPMG, успешните организации се оние што ги поврзуваат податоците од првиот контакт со клиентот до последната точка на услуга. AI може да донесе придобивки само кога компанијата функционира како единствен систем, а не како збир на затворени единици.

Што значи да се биде „интелигентна компанија“

Интелигентната организација не користи AI како привремено технолошко решение, туку како дел од својата внатрешна архитектура. Тоа значи да се постави организациската логика врз податоци, модели и процеси што се движат низ целата фирма. Започнувањето е едноставно: мали, практични решенија што веднаш носат корист, наместо сложени модели кои никогаш не излегуваат од лабораторија.

„Не започнувајте со најкомплицираните алатки,“ вели Винман. „Почнете со вашите луѓе. Оспособете ги. Изградете култура во која AI е поддршка, а не егзотична новина.“

Angel Angelovski photo

Пораката од AI Tech Summit Skopje

Настанот во Скопје, кој годинава привлече европски технолошки лидери, се позиционира како најрелевантна регионална точка на средба за компании кои сакаат да ја започнат или забрзаат својата AI трансформација. Клучната поука што ја донесе самитот е дека ROI не доаѓа од алатката, туку од организацијата која знае зошто ја користи.

Винман предупреди дека заблудата околу „95% неуспешни експерименти“ создава погрешен наратив — дека AI не функционира. „Точно е спротивното,“ рече тој. „AI работи. Само организациите мора да научат како.“

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни