Кој ги контролира вашите податоци на интернет и дали сте навистина заштитени?

Како дигитализацијата го загрозува суверенитетот на личните податоци? Дознајте зошто експертите предупредуваат на ризици од доверување на податоци на странски технолошки гиганти.

Секој ден сè повеќе зависиме од технологијата. Колку повеќе ги дигитализираме нашите животи, толку повеќе податоци создаваат: здравствени досиеја, финансиски информации, потрошувачки навики и многу повеќе. Според проценките, количината на податоци што интернетот ги обработува се удвојува на секои три години.

Како што владите на развиените земји го забрзуваат процесот на дигитализација на јавните услуги – од даночни пријави до медицински досиеја – на граѓаните им се ветуваат побрзи, поевтини и поефикасни услуги. Но, според извршниот директор на International Data Center Authority (IDCA), Мехди Парајави, практиката покажува дека реалноста е многу посложена.

Пример за ова е новиот договор на британската влада со Google, според кој огромни количини јавни податоци ќе се чуваат на сервери во САД. Слична загриженост се појави и во Франција, откако Microsoft изјави дека „не може да гарантира“ суверенитет на податоците доколку американските власти побараат пристап.

Ова отвора неколку клучни прашања: Кој всушност ги поседува нашите податоци? Кој управува со нив? и колку граѓаните можат да им веруваат на своите влади дека ќе ги заштитат нивните лични податоци?

Во рамки на Европската Унија, Општата регулатива за заштита на податоци (GDPR) од 2018 година значително ја зајакна правната заштита на личните податоци и ја ограничи нивната злоупотреба – не само во ЕУ, туку и во однос на компании од САД. Нови прописи, како Законот за суверенитет на податоци, Законот за податоци и NIS2 директивата, дополнително ја зацврстуваат европската контрола и го спречуваат неовластениот меѓународен пристап.

Сепак, ниту овие механизми не можат целосно да ги спречат ризиците по приватноста.

Договорот меѓу Лондон и Google, објавен во јули 2025 година, предвидува американскиот технолошки гигант бесплатно да обезбеди нова технологија за модернизација на застарените државни системи. Повеќе од 25% од британскиот јавен ИТ-сектор, вклучувајќи до 70% од системите во Националната здравствена служба и полицијата, се стари од 30 до 40 години.

Google нуди да ги замени со модерни cloud решенија, инвестирајќи стотици милиони фунти преку бесплатни услуги. За возврат, компанијата ќе може да учествува на идни тендери и ќе добие репутациски придобивки од соработката со државата.

Сепак, многумина се прашуваат дали британската влада е „опасно наивна“ што им ги предава клучевите на дигиталната тврдина на американска компанија?

Главната грижа е т.н. vendor lock-in – зависност од еден добавувач, кој е лоциран во странство и чие работење е подложно на странски закони. Дополнителен ризик претставува американскиот CLOUD Act, кој му овозможува на Вашингтон потенцијален пристап до податоците на британските граѓани, па дури и нивна употреба во судски процеси.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни