На 10-ти декември ,,Котур” продолжува со вториот од серијата настани Родот и градот, со проекција на филмот „Како да имаш секс“ (How to Have Sex, 2023) на Моли Менинг Вокер и отворена дискусија која ќе следи по него.
Филмот на Менинг Вокер опфаќа група тинејџерки на својот прв самостоен одмор во Грција. Нивните денови се една навидум бескрајна низа на пиење, журкање и флертување. Но, истовремено, за првпат во нивните животи, на овој одмор девојките ќе се соочат со важни и тешки прашања поврзани со женското пријателство, првите сексуални искуства, согласноста и себеоткривањето.
Насловот на филмот, кој навидум може да звучи контроверзно, воедно означува и прашање и исказ. Филмот нѐ прашува, но и ни покажува какви всушност можат да бидат првите сексуални искуства во еден сѐ уште патријархален свет во кој младите жени не можат секогаш да се потпрат на основните алатки на (не)давањето согласност.
Овие и слични теми кои филмот ги отвара се теми кои сакаме да ги отвориме и ние. Сметаме дека постои потреба за простор каде што ќе можеме, во безбедна средина, слободно да дискутираме за нив.
Дискусијата ќе ја водат Душица Лазова од платформата Медуза и Грација Атанасовска од Коалиција Маргини, а специјална гостинка ќе биде режисерката Дина Дума, чиј филм „Сестри“ (2021) се бави со слични теми за женската сексуалност и пријателство.
Проекцијата на филмот е бесплатна и истата ќе се одржи во 18:00 часот, во Котур, на 10-ти декември (вторник).