Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска денеска присуствува на 42. сесија на Генералната конференција на УНЕСКО во Париз, каде пред отворањето, заедно со премиерот Димитар Ковачевски беа пречекани од генералната директорка на УНЕСКО, Одре Азуле.
На средбата, како што соопшти Министерството за култура, беше истакнато задоволството од досегашните резултати од интензивната соработка на Северна Македонија со Организацијата на Обединетите нации за образование, наука и култура, во годината кога нашата земја ја одбележува 30-годишнината од членството во Организацијата.
Особен акцент, како што се наведува, беше ставен на континуираната и одлична соработка со Центарот за светско наследство и советодавните тела и нивната експертска помош во заштитата на природното и културното наследство на охридскиот регион.
„Од особено значење за соработката на Северна Макeдонија со УНЕСКО е нашиот активен придонес во афирмацијата на политиките и процесите на Светската организација, како и конструктивната соработка со другите држави членки“, посочи министерката Костадиновска- Стојчевска.
Пример за вклученост во иницијативите и активностите на Организацијата се и обновената Катедра за интеркултурни студии и истражување во рамки на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје и новоформираната Катедра за писменоста за иднината и медиумска писменост во рамки на Институтот за комуникациски студии од Скопје, како дел од Мрежата на УНЕСКО на катедри (UNESCO/UNITWIN).
Министерката за култура Костадиновска-Стојчевска утре ќе има обраќање на 42. Генерална конференција на УНЕСКО, каде официјални обраќања ќе имаат и претставниците на државите членки, а се разгледуваат генералните политики на Организацијата.
Извор: mia.mk