„Нашата обврска како политичари, како граѓани, како родители, како министри и пратеници е јасна. Да овозможиме нашите млади кои денес се Европејци, утре да станат и жители на ЕУ и да живеат целосно европски без да мора да се селат од својата татковина и без да мора да ги напуштаат своите фамилии“ напиша министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска на нејзиниот Фејсбук профил.
Таа рече дека со јасното признание и прифаќање на македонскиот идентитет, ЕУ секојдневно ни потврдува дека имаме јасна перспектива и можности за развој, еднакви со сите други во европското семејство.
„Пред нас стои нова, огромна шанса, но и сериозна обврска. Шанса за нашите млади за само неколку години да станат граѓани на ЕУ и да уживаат буквално еднакви можности со нивните врсници во Унијата. Тоа значи живеење дома, работење од дома, а сепак во ЕУ. Целосна слобода за движење и работа во сите земји од ЕУ, офлајн или онлајн, носење нови искуства дома, сериозно повисоки стандарди на живот и просперитет за сите“ пишува Костадиновска-Стојчевска.
Министерката повика да се посветиме на заедничките цели и низ учество и поблиска соработка да се отфрлат делбите и заеднички да се обезбеди стабилна и просперитетна иднина.
„Нашата шанса е наша обврска, а не прашање на избор. Кога е во прашање иднината на македонската младина, изборот е еден – Европа, ЕУ и подобро утре“ заклучи Костадиновска-Стојчевска.