Костадиновска-Стојчевска: Единствена намера за Пошта е нејзината реконструкција и ревитализација

Министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска денеска во врска со реконструкцијата на шалтер салата на Пошта информираше дека Владата на последната седница одлучила оти треба сите засегнати страни да седнат на маса и да донесат одлука за реконструкцијата, а потоа ќе може да се пристапи кон фондот што го нуди Европската инвестициска банка.

„Се надевам дека нема да има никаков проблем ниту од менаџментот, ниту од Управниот одбор, бидејќи правиме нешто што е за добро на сите“, посочи денеска Костадиновска-Стојчевска.

Министерката подвлече дека единствена намера за овој објект е реконструкција и ревитализација онака како што е пропишано.

Таа за време на настанот по повод потпишувањето на договорот за новиот простор на Џез оркестарот, во одговор на новинарско прашање околу реконструкцијата на Пошта во Скопје, потенцираше дека и е мило оти постои расположение од раководството на Пошта да седнат на маса.

„Драго ми е што слушам дека од раководството на Пошта имаме расположение да седнеме на маса, затоа што донесената одлука на Влада е дека треба претставници од Пошта, од Министерството за култура, од Управата за заштита на културното наследство, градски конзерваторски центар кои го имаат изработено идејното решение за реконструкција на шалтер салата и Катастар да седнат на маса и да донесат одлука за реконструкцијата. Но, не би сакала реториката околу реконструкцијата на шалтер салата да се гледа низ призмата на политичките партии“, рече Костадиновска Стојчевска.

Таа потсети дека се работи за едно од седумте заштитени културни добра во Европа кое што спаѓа во категоријата на најзагрозени. Како што посочи, токму поради тоа што шалтер салата е откриена уште од настанувањето на пожарот во 2013 година, процесот на реконструкција е забрзан.

„Ова го правиме како проект за заштита преку Министерството за култура бидејќи имавме амандман кој што беше одреден во буџетот за 2022 година. Но, останува да се направи физичката делба. Ситуацијата за реконструкцијата е слична како со Универзалната сала, односно додека трае реконструкцијата корисничко право го има Министерството за култура“, рече министерката.

Потенцираше дека со новото законско решение кое е во Собранието, се предвидува поголем фонд за заштита на културното наследство.

„Со изгласување на овој закон ќе можеме со поголеми финансиски средства  да го завршиме процесот на реконструкција и ревитализација“, рече Костадиновска Стојчевска.

Извор: mia.mk

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни