„Во голема мера тоа ќе зависи од комуникацијата со новата општинска власт,“ додава Костадинов, оставајќи ја вратата отворена за надградба, а не за замена.
Овој 7 септември, „Get EXITed“ ја донесе комбинацијата на Џекс Џонс, Бејби Лазања, Бајага и „Инструктори“, Александра Јанева и БДМ, а градот повторно беше преполн со гости од Бугарија, Грција, Србија и од цела Македонија. Истата ноќ стигна и нова искра во политичко-културната дебата: покана од кандидатот за градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, „Егзит“ да ја разгледа престолнината како нова дестинација.
Од јавните комуникации на организаторите на ЕГЗИТ станува јасно дека Скопје не е финално потврден како нова дестинација за ЕГЗИТ, туку дека дека биле поканети од кандидатот Ѓорѓиевски “ЕГЗИТ тимот да ја разгледа македонската престолнина како нова дестинација на големата Егзитова светска турнеја за следната година” и дека биле подготвени да работат на реализација на таа идеја следната година.
Во превод: Скопје е „на радар“ на Егзит како дополнителна станица на светската турнеја, додека Струмица ја задржува својата позиција како веќе афирмирана фестивалска адреса. Така се намалува и просторот за политички спинови околу „донесувањето“ на брендот – идејата за нов фестивал во главниот град е во фаза на желби, подготвеност и разговори, а не одлука за преселба.
Во земјава фестивалските брендирања често се лепат за предизборни платформи, но долгорочната вредност зависи од три нешта – јасен модел на партнерство, транспарентна јавна поддршка и трошоци, и логистика што го почитува локалниот екосистем (со локални артисти, бизниси и јавен ред). Струмица го гради тоа четири години и природно е да инсистира на континуитет; Скопје може да влезе силно само ако не го „пригуши“ постојното, туку создаде паралелен, комплементарен настан што ќе ја прошири мапата, наместо да ја препише. ЕГЗИТ не заминува од Струмица; Скопје е потенцијална нова сцена – ако се испочитуваат процесите, договорите и публиката која веќе четири години гласа со својот џеб и своето присуство.