Косовските пратеници имаат 30 дена рок да го формираат парламентот, следната седница закажана за утре наутро

Косовските пратеници имаат 30 дена од денеска за да го формираат парламентот, откако Уставниот суд на Косово ја објави својата целосна одлука за политичката криза во Косовскиот државен весник, објави косовскиот весник „Коха Диторе“.

Следната седница на конститутивното собрание е закажана за утре во 11 часот по локално време, а се очекува да вклучува и гласање за претседателот на парламентот и неговите заменици.

На 8 август, Уставниот суд на земјата постави рок од 30 дена за избор на претседател на косовскиот парламент преку јавно гласање, одлучувајќи дека за кандидатот за таа позиција може да се гласа до три пати.

Во одлуката на Судот, исто така, се наведува дека сите пратеници мора да учествуваат во гласањето и дека работата на парламентот мора да започне од точката на дневниот ред на парламентот што ја блокираше – изборот на претседател, објавува „Коха Диторе“.

Парламентарните избори во Косово се одржаа на 9 февруари, но оттогаш земјата е во политичка криза, бидејќи ниту една од партиите во косовскиот парламент нема мнозинство од 61 глас за да одобри премиер и влада. Пратениците направија 54 неуспешни обиди да го конституираат парламентот од 15 април.

Уставниот суд, исто така, донесе одлука да ги откаже сите собраниски седници од 27 јуни до 26 јули, бидејќи пратениците не се придржуваа до претходна судска одлука. Со оваа одлука, пратениците беа обврзани да го конституираат парламентот во следните 30 дена – до 26 јули, бидејќи во спротивно тоа би претставувало кршење на јавниот и уставниот поредок во земјата. Сепак, одлуката на судот не доведе до деблокирање на кризата, поради што институцијата им воведе забрана на пратениците да донесуваат одлуки или да преземаат дејствија поврзани со конституирањето на парламентот до 8 август.

Според Судот, дејствијата на привремениот претседател на парламентот, Авни Дехари, во периодот од 27 јуни до 26 јули, исто така не биле „во согласност со одлуката на Уставниот суд“, затоа биле и во спротивност со Уставот на Косово, се вели и во објавената одлука.

Во документот не се прецизира какви се правните последици ако парламентот не се конституира во рок од 30 дена. 

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни