Претседателката на Косово, Вјоса Османи, денеска го потпиша указот за распуштање на Собранието, со што земјата оди на вонредни парламентарни избори.
Османи на прес-конференција изјави дека неуспехот на пратениците да изберат претседател на седницата одржана доцна во четвртокот ја довел земјата до нов изборен процес.
„Оваа ситуација беше целосно избежна. Голема несреќа е што пратениците не го избраа интересот на народот“, изјави Османи.
Таа најави дека во текот на денот ќе одржи консултации со лидерите на парламентарните партии за да се утврди датумот на вонредните избори.
Политичката криза кулминираше на вонредната седница што се одржа само неколку часа пред истекот на уставниот рок за избор на претседател. Седницата беше прекината поради недостиг на кворум.
Според уставните правила, за избор на претседател се потребни 80 гласа во првите два круга гласање, а најмалку 61 глас во третиот круг.
На последната седница во салата присуствувале 66 пратеници од владејачката коалиција, додека пратениците од опозицијата не учествувале во гласањето.
Претходно беше одржана и седница за разгледување на уставни амандмани предложени од Османи, со кои се предвидува директен избор на претседател. И таа седница беше прекината поради недостиг на кворум.
По прекинот на седницата, претседателката на Собранието, Аљбулена Хаџију, се обрати до Уставниот суд со барање за привремена мерка со која би се суспендирал уставниот рок за избор на претседател.