Океаните се клучни за борбата против климатските промени и тие ги зближуваат луѓе од различните континенти, кои го споделуваат заедничкото наследство на човештвото, порача денеска претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта во обраќањето на Конференцијата на ОН за океаните, што се одржува во францускиот град во Ница.
– Денеска сме тука затоа што ја знаеме дијагнозата, ги слушнавме јасните пораки од нашата Планета и знаеме дека трајната заложба против климатските промени и загубата на биодиверзитетот е се поакутна. Не е прашање само на дијагнозата. Сега е време за акција, рече Кошта.
Тој нагласи дека преку Европскиот пакт на океаните, што ќе биде промовиран попладнево во Ница, ЕУ презема заедничка акција насочена кон зачувување и управување со океаните.
– Пред се, треба да дејствуваме на европско ниво со меѓусекторски пристап базиран на науката, заштитата на животната средина и развојот на сина економија базирана на истражување и безбедност, истакна Кошта.
Тој потсети дека ЕУ веќе го ратификуваше Договорот за отвореното море, со што, како што рече, нејзините земји членки покажаа дека се посветени да придонесат за негова имплементација. Во тој контекст, Кошта апелираше и до останатите држави да го ратификуваат Договорот со цел тој да стапи во сила до крајот на годината.
– Конечно, треба да дејствуваме и мултилатерално, поддржувајќи ги Обединетите нации, бидејќи само на мултилатерално ниво можеме да се справиме со глобалните проблеми што влијаат на човештвото и да ги оствариме целите за одржлив развој, рече Кошта.
Според него, за да се остварат сите овие иницијативи за надминување на главните проблеми, за да се заштитат океаните и Планетата и за да се спаси човештвото, ќе биде потребна многу работа.