Европската унија ќе ги поддржи Гренланд и Данска секогаш кога тоа ќе биде потребно и нема да прифати кршење на меѓународното право, без оглед каде се случува, изјави денес претседателот на Советот на ЕУ, Антонио Кошта.
„Што се однесува до Гренланд, дозволете ми да бидам јасен: Гренланд им припаѓа на неговите граѓани. Ништо не може да се одлучува за Данска и Гренланд без Данска или без Гренланд“, изјави Кошта на церемонијата по повод преземањето на претседавањето со ЕУ од страна на Кипар, пренесува Ројтерс.
Тој нагласи дека Гренланд и Данска ќе ја имаат целосната поддршка и солидарност на Европската унија, реагирајќи на повторените изјави на американскиот претседател Доналд Трамп дека Вашингтон сака да го преземе Гренланд, бидејќи островот, кој е под суверенитет на Данска, има клучно значење за американската воена и безбедносна стратегија.
Кошта истакна дека Кипар го презема претседавањето со ЕУ во период кога меѓународниот поредок е под сериозен притисок, поради што ги повика земјите членки на Унијата заеднички да се спротивстават на ваквите предизвици.
„Европската унија не може да прифати кршење на меѓународното право – без разлика дали станува збор за Кипар, Латинска Америка, Гренланд, Украина или Газа“, порача Кошта.
