Интервју со Косара Митиќ, режисерка на филмот „17“

Косара Митиќ: Родителите и училиштето се првата алка каде системот потфрла

Разговаравме со Косара Митиќ, режисерката на филмот „17“, кој е инспириран од вистински настан и ја истражува тинејџерската ранливост, социјалните притисоци и сексуалноста во контекст на денешното општество. Филмот е реализиран во копродукција со Србија и Словенија, а снимањето се одвиваше на локации во Скопје и Битола. Во фокусот на „17“ се тинејџерите матуранти, критична група која, според Косара, е изложена на постојан притисок од родителите, општеството и врсниците. Со суров реализам, филмот поставува прашања кои често се избегнуваат, изложувајќи ги најскриените аспекти од тинејџерскиот живот. Косара сподели дека нејзиното сопствено тинејџерско искуство на потсвесно ниво влијаело на создавањето на филмот, внесувајќи лични моменти, емоции и сеќавања од младоста. Најголем предизвик за неа беше работењето со 25 млади актери, но пробите пред снимањето им помогнале сите заеднички да ги истражат своите ликови и искуства.

Трн: Како одредените аспекти од твоето тинејџерско искуство влијаеја на создавањето на филмот „17“? Дали има некои сцени или ликови што се инспирирани од твоето сопствено детство?

Косара: 17 е базиран на вистински настан кој се случи пред неколку години, но секако дека во градењето на сржта на самата приказна на едно потсвесно ниво на база на доживеани нешта се вмрежани и моите лични искуства од тинејџерските денови. Постојат одредени ликови, бои, емоции, мириси, детали, случки кои се толку силни што во тие години засекогаш оставаат печат во нашите животи и за кои во одреден момент чувствуваме силна потреба да ги раскажеме одново, за да можат да живеат одново за конечно да ја направиме промената која сме ја чекале со години.

Трн: Што беше најголемиот предизвик при работењето со толку голем број на млади актери? Како успеа да ги водиш и мотивираш тие 25 тинејџери?

Косара: Беше неверојатно задоволство да се работи со пред се бескрајно талентирани и енергични тинејџери преполни со ентузијазам и желба за создавање.  Имавме неколку месечни проби пред да почнеме со снимање и мислам дека сите заеднички уживавме во целокупниот процес на истражување и копање по ликовите низ сопствените интимни искуства.  Тие буквално си ја соголеа својата душа пред камера, им честитам за храброста.

Трн: Кој аспект од тинејџерскиот живот ти се чини најсложен и како го претставуваш тоа во филмот? Какви се реакциите на младите актери и какви би биле на гледачите од тој аспект?

Косара: Кога тргнав да го пишувам сценариото неслучајно се одлучив да третирам една критична групација како што се тинејџерите матуранти, бидејки сметам дека во тие преодни години буквално се најранливи и се под константен притисок да излезат од комфорната зона и да почнат да носат одлуки, кои многу често се косат со она што го очекуваат од нив родителите и наставниците. Воедно во таа фаза од животот најмногу ја истражуваат својата сексуалност. Целиот нивен свет одеднаш се врти околу сексот, па се креираат најразлични игри и предизвици во кои мора да учествуваш ако сакаш да си дел од “кругот”. А целта на секој тинејџер е да биде во “кругот” со останатите. Живееме во Инстаграм и Тик Ток општество каде веќе ништо не е доволно шокантно и кул, а тинејџерите се под постојан притисок и потрага по нов предизвик со кој ќе го соберат аплаузот од врсниците. На аудициите беа пријавени повеќе од 50 тинејџери кои имаа за задача да одговорат на неколку интимни прашања од нивниот живот, бев шокирана од искуствата кои ги доживеале на тие години. Ми делуваа во исто време агресивни, ранливи, но и незаштитени.

Трн: Во филмот се спомнуваат теми како идентиет, сексуалност и социјални притисоци. Како се справуваш со овие теми во контекст на современото општество и колку ти беше важно да ги истражиш во „17“?

Косара: Општествените вредности веќе одамна се доведени под знак прашалник. МИСЛАМ ДЕКА родителите и училиштето се првата алка каде системот потфрла. Без сопствена етика и интегритет, тие се немоќни да го спречат девијантното однесување на децата и да преземат одговорност врз нив.

Трн: Какви беа твоите тинејџерски години? Кои беа најзначајните настани или искуства што те обликуваа?

Косара: Моите тинејџерски години беа доста мирни, исполнети со читање книги….многу книги…. од Чехов и Достоевски до Милан Кундера, Курт Вонегат и Милорад Павиќ, бев опседната со Енди Ворхол, Рој Лихтенштајн, Роберт Раушенберг, Ричард Хамилтон. И мислам дека токму таа неверојатна страст и љубов што ми се случи во тинејџерските години кон уметноста,  ме дефинираше во тоа што сум денес. Кога имав 17 години се сеќавам дека каде и да имаше снимање на филм, одев на сет и седев буквално по цел ден. Не познавав никого,  само стоев настрана и тивко набљудував. Уживав во филмската магија, светлата, камерата, техниката,  луѓето кои трчаа наоколу, глумците….целиот тој адреналин и енергија ме обземаа и ме оставаа без здив.

Трн: Која беше најголемата авантура или предизвик што си го имала како тинејџерка и дали ја инспирираше на некој начин твојата работа во филмската индустрија?

Косара: Мислам дека најголемиот предизвик во тоа време ми беше да се изборам за својот сон и да останам доследна на себеси и покрај целиот притисок на околината која наметнуваше друга насока.

Трн: Која е пораката на 17 ?

Косара: 17″ не е филм кој носи порака, 17 е филм кој носи состојба. Дрско и безобразно разоткрива еден изгниен и одвнатре трул систем, кој само навидум делува хармонично. Користејки суров и жесток реализам, поставува прашања кои обично се чуваат “зад затворени врати”, со цел да продре директно до сржта на нештата и да забоде онаму кадешто најмногу боли.

Трн: Какви биле твоите соништа и амбиции кога имаше 17 години? Дали ги постигна и како се промениле со текот на времето?

Косара: 17 се години во кои се случуваат големи промени кои засекогаш оставаат последици. Во тој период сонував да станам глумица, но по игра на нештата запишав филмска режија. Токму тоа ми го промени животот од многу аспекти. Со текот на годините ја сфаќаш тежината на тој сон, жртвата која е потребна за да опстои и љубовта без која не може ни да постои.

Трн: Што би им препорачала на денешните тинејџери кои се соочуваат со слични проблеми и предизвици како оние во „17“?

Косара: Да го зачуваат својот интегритет кога е критично и да се осмелат да превземат одговорност за своите постапки. Тоа е најтешкото, се друго се решава.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни