На форумот за проширување во Брисел таа потенцираше дека патот кон ЕУ е неспоив со паралелни политички и енергетски врски со Русија.
„Не можете да седите на две столици – кон ЕУ да гледате за финансии, а кон Русија за гас“, изјави Кос.
Итни забелешки: руско државјанство и воени вежби со Москва
Кос остро реагираше на информациите дека руски државјани под санкции добиваат српско државјанство преку посебни процедури. Таа го осуди и учеството на српската армија во руската вежба „Запад“, оценувајќи го како спротивно на вредностите и обврските на земја-кандидат.
„Ако учествувате во акции на армија што убива цивили во Украина, пристапниот процес станува невозможен. Тоа е избор што мора да го направите“, порача таа.
ЕУ: поддршка за енергетска независност, но и критика за анти-ЕУ реторика
Кос најави дека Европската унија е подготвена финансиски и технички да помогне во енергетската трансформација на Србија, но додаде дека владините претставници мора да престанат со анти-европски пораки, бидејќи довербата во ЕУ кај граѓаните забележливо опаѓа.
„Членството бара посветеност. Потребно е да се зајакнат независните медиуми и граѓанскиот сектор“, додаде таа.
Условите за отворање на кластер 3 остануваат исти
Иако Србија ги исполнува техничките критериуми за отворање на кластер 3, Кос потсети дека државата мора да покрене чекори кои членките ги бараат повеќе од една година, од типот на разрешување на случајот „Бањска“, усвојување на медиумските закони, ажурирање на избирачките списоци, како и реформи во REM.
„Ако нема назадување и ако има напредок во медиумските и академските слободи, ќе одиме напред“, изјави таа.
Проширувањето повторно стана прашање на мир
Кос истакна дека Европа денес се соочува со хибридни напади и затоа го активира механизмот „Демократски штит“ за заштита на демократијата и во ЕУ и во земјите кандидати.
„Плативме цена за пропуштените шанси да го интегрираме Западниот Балкан. Сега мора да се осигураме дека војната ќе остане само во учебниците по историја“, рече таа.
Според Кос, идното проширување ќе биде мерено и по тоа дали ЕУ ќе остане стабилна и посилна со секоја нова членка – процес кој бара многу повеќе од формално исполнување критериуми.
Извор: N1info.rs
