Начинот на кој го започнуваме денот има силно влијание врз нашето целокупно здравје, особено врз кардиоваскуларниот систем. Не се потребни строги утрински рутини ниту нереални мотивациски мантри за да се грижиме за срцето. Понекогаш е доволно да избегнеме една навидум безопасна навика која станала дел од секојдневието.
Кардиолозите предупредуваат дека посегнувањето по мобилниот телефон веднаш по отворањето на очите може сериозно да влијае врз здравјето. Проверувањето нотификации, службени пораки или бескрајното „скролање“ по социјалните мрежи уште во првите минути од денот го зголемува нивото на стрес и го поставува темпото на денот во негативна насока. Според торакалната хируршкиња д-р Alexandra Kharazi, не станува збор само за хормоните на стрес, туку и за тоа каква енергија си наметнуваме уште од самиот почеток.
Покрај анксиозноста и чувството дека нешто пропуштаме, утринското користење екран често значи и помалку движење. Кардиологот д-р Paul Bhella истакнува дека и акутниот и хроничниот психолошки стрес се директно поврзани со висок крвен притисок, срцев удар и срцева слабост. Дополнително, интервенцискиот кардиолог д-р Cheng-Han Chen предупредува дека недостатокот од физичка активност во комбинација со прекумерна изложеност на информации го зголемува ризикот од метаболни нарушувања, покачен холестерол, дебелина и дијабетес тип 2.
Наместо денот да започне со екран, експертите советуваат кратко движење на природна светлина, лесни вежби за истегнување или мирно кафе без дигитални одвлекувања. Поставувањето јасни граници – без телефон веднаш по будењето и непосредно пред спиење – може да биде едноставен, но моќен чекор кон поздраво срце и порамнотежен ден.