Користите AI за пишување мејлови? Колегите можеби помалку ви веруваат

Ако сте раководител и користите вештачка интелигенција (AI) за комуникација со вработените, бидете внимателни – вашата професионална репутација може да биде загрозена, покажува ново истражување.

Вештачката интелигенција брзо навлегува во работната средина. Во Европската унија, 13,5% од компаниите со најмалку 10 вработени минатата година пријавиле користење AI, што претставува значителен пораст во споредба со 8% во 2023 година, според податоци на Eurostat. Истражување на Microsoft и LinkedIn од 2024 година покажа дека дури 75% од вработените во „знајниски“ работни позиции ширум светот користат генеративна AI технологија на работното место.

Иако ова може значително да ја зголеми продуктивноста, може да има и негативни последици, како што е нарушување на односите меѓу колегите.

Во новата студија, објавена во International Journal of Business Communication, истражувачите анкетирав повеќе од 1.000 вработени со полно работно време во САД за да испитаат како ги доживуваат мејловите напишани со мал, среден или висок степен на помош од AI алатки. На учесниците им беа претставени различни сценарија во кои случајно им беше прикажан мејл за кој им беше кажано дека го напишал нивниот надреден или тие сами, а потоа го оцениле според критериуми како професионалност, ефикасност, искреност и покажување грижа.

Резултатите покажаа дека пораки напишани со помош на AI генерално се сметаат за ефикасни и професионални, но постои значајна разлика во перцепцијата кога станува збор за мејловите на вработени и на менаџери.

„Професионалците генерално позитивно гледаат на својата употреба на AI, но се значително поскептични кога истиот степен на помош го користи нивниот надреден“, објасни Ентони Коман, истражувач од Универзитетот на Флорида и еден од авторите на студијата.

Со други зборови, луѓето построго ја оценуваат употребата на AI кога таа доаѓа од шефот отколку кога ја користат самите.

Оваа разлика е особено изразена кога шефот се потпира на AI не само за граматичка проверка или мали корекции, туку за поголема автоматизација на текстот. Само 40% од вработените сметаат дека надредените се искрени кога користат висок степен на AI помош, во споредба со 83% за пораки со минимална AI асистенција.

„Во одредени случаи, пишувањето со помош на AI може да ја наруши перцепцијата на особини поврзани со довербата во надредениот“, додаде Коман.

Перцепцијата на вработените зависи и од целта на пораката. Кога мејлот има само информативна функција, вработените генерално позитивно ја оценуваат употребата на AI. Сепак, кога пораката има емоционална, мотивирачка или релациска цел, подготвеноста да ја прифатат е значително помала.

Иако студијата има ограничувања – заклучоците се базирани на едно хипотетичко сценарио, а на перцепцијата на учесниците можела да влијае и природата на односот на моќ помеѓу вработениот и шефот – резултатите се усогласуваат со претходни истражувања кои покажуваат дека употребата на AI во професионална средина може да ја наруши репутацијата, а нови откритија укажуваат и на тоа дека вработените кои јавно признаваат дека користат AI можат да изгубат доверба од колегите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни