Новата функција на Tinder предизвика бурни реакции бидејќи ѝ овозможува на апликацијата пристап до фотографиите од вашиот телефон со помош на вештачка интелигенција која избира слики за профил.
Пронаоѓањето партнер така би можело да стане поедноставно или, како што тврдат критичарите, значително понеудобно.
Станува збор за опција наречена „Camera Roll Scan“, која со дозвола на корисникот ја анализира целата галерија фотографии на iPhone со цел подобро да го „разбере“ стилот и личноста на корисникот и да предложи потенцијални совпаѓања, пренесува Net.hr.
Загриженост кај корисниците
Корисниците се загрижени поради новата функција. Дел од јавноста на ова гледа со голема доза недоверба. Критичарите предупредуваат дека може да станува збор за уште еден начин на собирање лични податоци, прикриен како модерен алат за запознавање.
Оваа функција е најнов пример на технологија која, според скептиците, сè повеќе навлегува во приватноста и го прави секојдневниот живот поавтоматизиран, но и помалку автентичен.
На социјалните мрежи се појавија бројни критики. Еден корисник напиша дека Tinder направил алатка за следење и ја нарекол тест за личност, додавајќи дека фотографиите во галеријата се најприватните податоци на телефонот, а „анализа на впечаток“ е само поубав назив за користење приватни фотографии за тренирање на алгоритам.
Некои отидоа и чекор понатаму, тврдејќи дека корисниците всушност не бараат љубов, туку несвесно помагаат во развојот на системите за препораки со споделување на своите најлични фотографии.
Објаснување од компанијата
Од Tinder се огласија и тврдат дека функцијата не е наменета за нарушување на приватноста и дека целата галерија не се пренесува на нивните сервери. Наведуваат дека скенирањето се користи за избор на релевантен примерок од фотографии кој се обработува привремено.
„Photo Insights се кратки описи на вашите интереси, личност и начин на живот кои настануваат преку анализа на примероци од фотографиите во галеријата. Кога ќе ја вклучите оваа опција, анализираме фотографии за да идентификуваме клучни теми кои помагаат во персонализација на искуството и подобро поврзување со другите“, наведуваат од компанијата.
По добивање дозвола од корисникот, вештачката интелигенција анализира квалитет и содржина на сликите. Избраните фотографии привремено се пренесуваат на сервер за генерирање увид, по што апликацијата предлага кои слики најдобро го претставуваат корисникот.
И покрај објаснувањата, конечната одлука останува на корисникот ниту една фотографија нема да биде додадена на профил без дозвола.
Tinder исто така наведува дека не се собираат, не се чуваат ниту се обработуваат биометриски податоци од селфи фотографии, туку сè се обработува на уредот и се брише по користење на опцијата.
Сепак, многу корисници остануваат скептични. Некои предупредуваат дека галеријата содржи најприватни содржини од лични фотографии до случајни снимки и пораки и дека такви податоци не треба да се споделуваат.
Постои и страв дека приватните фотографии еден ден би можеле да протечат или да бидат искористени за други цели, како што се рекламирање или подобрување на алгоритмите.