Копенхаген денес и утре е центарот на европската дипломатија. На агендата на лидерите на ЕУ и нивните партнери се наоѓаат долгорочната поддршка за Украина, засилувањето на европската одбрана и справувањето со хибридните закани. Предлозите за „дрон ѕид“ и користење на замрзнатите руски средства само ја потврдуваат сериозноста на состојбата.
Во Копенхаген веќе е мобилизирана дополнителна заштита: Франција и Шведска испратија специјализирани анти-дрон единици, а темата за безбедност е главниот столб на разговорите.
На самитот ќе се разгледуваат и пошироки прашања поврзани со хибридните закани – дезинформации, сајбер напади и миграциски притисоци. За многумина, симболиката е очигледна: токму во северна Европа, каде што се појавуваат првите инциденти со дронови, европските лидери сакаат да покажат единство и решителност.