Координатор на ОН: 170.000 тони храна и лекови подготвени за транспорт во Газа

Координаторот на Обединетите нации за хуманитарна помош, Том Флечер, изјави дека околу 170.000 тони храна, лекови и други залихи се подготвени за итен транспорт во Појасот Газа.

Во првите 60 дена од примирјето, целта е да се испраќаат стотици камиони со хуманитарни залихи на дневна основа, изјави Флечер на прес-конференција, пренесува CNN.

Тој истакна дека хуманитарната ситуација во Газа е катастрофална, прогласена е глад поради израелските ограничувања на помошта, инфраструктурата е уништена за време на две години израелски воени операции, а голем дел од населението повеќепати е раселено.

Званичници на ОН се надеваат дека примирјето ќе овозможи континуирано зголемување на помошта која ќе стигне до луѓето, но истакнуваат дека се уште постојат нејасности околу деталите кога, каде и каква помош ќе биде дозволена.

Флечер посочи дека ОН планираат да ја зголемат помошта во храна во следните два месеца, “за да се обезбедат намирници за два милиона луѓе кои гладуваат”.

Покрај тоа, се планира обнова на “десеткуванио здравствено систем”, подобрување на водоснабдувањето и санитарните услуги, како и отворање на “привремени училници за да се обезбедат барем некои активности за 700.000 деца во училишна возраст”.

За да се постигне драстично зголемување на помошта и услугите, Флечер изјави дека е потребно да се исполнат неколку услови, вклучувајќи континуиран влез на скоро два милиона литри гориво неделно, обезбедување гас за кујни, заштита на хуманитарните работници, олеснување на пристапот на невладините организации, адекватно финансирање и отворање нови гранични премини.

Извор: N1info.rs

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни