Конзервативната влада на Грција предложи забрана за одржување демонстрации пред Споменикот на незнајниот војник — едно од најпознатите симболични места во земјата, лоцирано веднаш пред зградата на парламентот во Атина. Предлогот предизвика бурни реакции, а опозициските партии го обвинија премиерот Киријакос Мицотакис за нетолеранција и поттикнување поделби.
Измените на законот, кои денес беа поднесени на разгледување во парламентот, предвидуваат ограничување на јавните собири околу споменикот. Четири опозициски партии, меѓу кои и левичарската Сириза, поднесоа амандмани со образложение дека ваквиот потег е неуставен и претставува удар врз слободата на изразување и правото на протест. Сириза, во знак на протест, повика граѓаните вечерта да излезат на улиците.
Местото пред Споменикот на незнајниот војник стана центар на незадоволство по катастрофалната железничка несреќа во Темпи во февруари 2023 година, кога при судир на товарен и патнички воз загинаа 57 лица, најмногу студенти кои се враќале на факултет по државниот празник. Од тогаш, роднините на жртвите често одржуваат протестни собири токму таму, барајќи правда и одговорност од властите.
Според предложените измени, туристичките посети на споменикот ќе останат дозволени, но секој обид за одржување протест ќе биде казнив — со парична казна или затворска казна до една година.
Владата тврди дека целта на законот не е ограничување на правата, туку „зачувување на достоинството и почитта кон светиот споменик“. „Нашата цел не е раздор, туку зајакнување на почитта кон местото на национално сеќавање,“ изјави портпаролот Павлос Маринакис.
Опонентите, меѓутоа, сметаат дека токму протестите пред споменикот се израз на граѓанското незадоволство од трагедијата во Темпи и дека со овој закон владата всушност се обидува да го замолчи гласот на граѓаните. На малото плоштадче пред споменикот и денес стои импровизиран меморијал со имињата на загинатите, напишани со црвена боја, опкружен со свеќи и цвеќиња — симбол на болка, но и на упорност на оние кои одбиваат да заборават.