Конституирано е Собранието на Косово, а за претседателка е избрана Албулена Хаџиу од движењето Самоопределување. Таа доби 66 гласа „за“ од вкупно 118 присутни пратеници, додека 42 гласаа против, а осуммина беа воздржани.
Во своето обраќање Хаџиу порача дека ќе работи во интерес на сите граѓани.
За потпретседател на Собранието од редовите на српската заедница е избран Славко Симиќ од Српска листа. Тој беше изгласан во пакет со уште четворица потпретседатели од албанските партии и од партиите на другите немнозински заедници. За нивниот избор гласаа 104 пратеници, тројца беа против, а шестмина воздржани, од вкупно 115 присутни.
На вонредните парламентарни избори одржани на 28 декември, Самоопределување освои 57 мандати, Демократската партија на Косово 22, Демократскиот сојуз на Косово 15, додека Алијансата за иднината на Косово освои шест мандати.
Од вкупно 10 пратенички места резервирани за српската заедница, Српска листа освои девет, а партијата „За слобода, правда и опстанок“ едно место. Преостанатите 10 мандати им припаѓаат на претставниците на другите немнозински заедници.
