Стартуваше конкурсот за истражувачки проект од областа на ликовната критика „Ладислав Баришиќ“

Здружението на ликовни критичари АИКА Македонија распишува конкурс за истражувачки проект од областа на ликовната критика. 

„Наградата има за цел да понуди можност за промислување на третманот и позициите на ликовната критика денес и на критичкото пишување за појавите и тенденциите во современите визуелни уметности и теоријата на уметноста. Недостатокот од пишана критика и потребата од афирмација на критичко делување во контекст на современата уметност, е основниот поттик за овој конкурс. Конкурсот е отворен за проекти кои ликовната критика ќе ја препознаат како практична дисциплина која теориски ја интерпретира тековната уметничка продукција и иницира нејзината артикулација во контекст на современите уметнички продукции“, велат од АИКА.

Право за учество имаат сите историчари на уметноста, критичари, теоретичари, интердисциплинарни истражувачи и други профили на креативни автори поврзани со ликовните и визуелните уметности во земјава (освен членовите на У.О. на АИКА Македонија). Кандидатите треба да се македонски државјани или странски државјани кои живеат и работат во земјава повеќе од една година.

Наградата е во висина од 30.000 денари во бруто износ и за неа ќе одлучува тричлено жири.

Конкурсот е отворен од 15 јули и ќе трае до 1 септември годинава.

Кандидатите треба да достават опис на предложениот проект и методологија на неговата реализација (не повеќе од 1500 збора), CV на кандидатот (или доколку станува збор за група истражувачи на сите поединечни членови на истражувањето). Наградениот проект треба да биде изработен до крајот на октомври годинава, пред годишниот симпозиум на АИКА Македонија во ноември каде наградената реализација ќе биде претставена.

Истражувањето ќе биде објавено на веб порталот на АИКА Македонија, а добитникот на наградата ќе биде известен најдоцна до 15 септември.

Материјалите треба да се испратат на aicamacedonia@gmail.com.

Проектот се реализира со финансиска поддршка од Министерство за култура и Владимир Баришиќ, син на Ладислав Баришиќ.

Наградата го носи името на Ладислав Баришиќ (1941-1991), ликовен критичар и историчар на уметност, кој во рамки на ликовната публицистика беше активен во периодот од 1972 до 1986 година. Тој е автор на текстови во кои критичарскиот став кон одреден културен настан се одликуваше првенствено со отпор кон априорното мислење својствено за догмите на времето во кое создавал. 

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни