Осмиот конкурс за книжевната награда „Пегаз“ за најдобар необјавен роман за 2026 година е официјално отворен и ќе трае до 1 јуни 2026 година. Добитникот ќе биде објавен на 2 септември.
Наградата ја востанови издавачката куќа Арс Ламина во соработка со Фондација „Славко Јаневски“, со цел да се откријат и афирмираат нови писателски гласови во македонската книжевност.
На конкурсот можат да учествуваат необјавени романи за возрасни, напишани на македонски јазик и со кирилско писмо. Ракописите треба да се испратат електронски, во Word или PDF формат, на адресата pegaz@arslamina.com.
Пристигнатите ракописи ќе ги оценува тричлена жири-комисија составена од двајца реномирани културни работници и еден претставник од издавачката куќа, а составот на жирито ќе биде објавен дополнително.
Наградата „Пегаз“ е откупна и вклучува паричен износ од 90.000 денари, статуетка и објавување на романот во посебна едиција. Годинашното издание е поддржано од Министерството за култура во рамките на Годишниот конкурс за финансирање проекти од национален интерес во областа на културата.
Наградата е востановена во 2019 година како продолжение на престижната награда „Роман на годината“, што ја доделува Фондацијата „Славко Јаневски“ за најдобар објавен роман.
Досегашни добитници се: „Насон прочитана книга“ од Соња Манџук (2019), „Мртвите знаат најдобро“ од Владо Јаневски и „Лазарка“ од Љупчо Петрески (2020), „Хотел меѓу две војни“ од Александар Русјаков (2021), „Зелениот дворец“ од Сибо (2022), „Риба во(н) мрежа“ од Јована Матевска Атанасова (2023), „Ехото на акробатите“ од Владимир Јанковски (2024) и „Кривата Дијана“ од Фросина Пармаковска (2025).