Отворен конкурс за краток стрип на фестивалот „Стрип Трип“

Авторите имаат рок до 10 мај да испратат дела, најдобрите ќе бидат наградени и изложени во МКЦ
Фото: Игор Јовчевски

Објавен е конкурсот за најдобар краток стрип во рамки на меѓународниот фестивал „Стрип Трип“, кој и оваа година отвора простор за нови автори, идеи и визуелни приказни од Македонија и странство.

Конкурсот е отворен за сите што сакаат да раскажат приказна во стрип форма, без ограничување на темата и форматот.

Пријавените стрипови треба да бидат со максимална должина од осум страници и да не биле претходно објавени. Организаторите нагласуваат дека не е дозволена употреба на алатки за генерирање слики со вештачка интелигенција.

Во рамки на конкурсот ќе бидат доделени две категории награди. „Македонска стрип иднина“ е наменета за автори од Македонија до 30 години, со награди за прво, второ и трето место, додека „Стрип Трип Гран При“ е меѓународна награда за која можат да аплицираат автори од земјата и странство, без возрасни ограничувања.

Авторите при пријавување треба да наведат за која награда аплицираат. Делата може да се испратат дигитално или во физичка форма, при што се препорачува дигиталните верзии да бидат во формат А3 со резолуција од 300 dpi.

Рокот за испраќање на делата е до 10 мај 2026 година. Победниците ќе бидат прогласени за време на фестивалот „Стрип Трип“, кој ќе се одржи од 5 до 7 јуни во Младинскиот културен центар во Скопје, каде дел од селектираните дела ќе бидат и изложени.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни