Конгресот на САД бара сведочење од чуварката која била на смена ноќта кога почина Џефри Епстин

Комитетот за надзор на Претставничкиот дом на САД побара сведочење од затворската чуварка Това Ноел, која била на смена ноќта кога Џефри Епстин беше пронајден мртов во затвор во Њујорк.

Комитетот за надзор на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес побара сведочење од затворската чуварка Това Ноел, која била на смена во затворот во Њујорк кога осудениот сексуален престапник Џефри Епстин беше пронајден мртов во својата ќелија во 2019 година.

Претседателот на комитетот, Џејмс Комер, во писмо упатено до Ноел наведе дека таа располага со информации кои би можеле да помогнат во истрагата за околностите под кои починал Епстин.

Од неа е побарано да се појави на сведочење кое ќе биде стенографски забележано на 26 март.

Обвиненија за пропусти во надзорот

Ноел била на должност на 10 август 2019 година, кога Епстин бил пронајден мртов во својата ќелија. Обдукцијата тогаш утврди дека станува збор за самоубиство.

Во ноември 2019 година против Ноел и уште еден чувар од истата смена, Мајкл Томас, беше подигнато федерално обвинение за фалсификување службени записи. Според обвинението, тие во извештаите навеле дека извршиле редовни проверки на затворениците, иако тоа не го направиле.

Истрагата утврди дека двајцата „повеќепати пропуштиле да ги извршат задолжителните проверки“ на затворениците и поголем дел од смената го поминале пребарувајќи на интернет.

Според наводите на обвинителството, во специјалниот затворски оддел немало никаква контрола на затворениците од околу 22:30 часот на 9 август до околу 6:30 часот на 10 август, кога Ноел и Томас го пронашле Епстин без знаци на живот.

Постапката против чуварите подоцна беше прекината

Судската постапка против двајцата чувари беше прекината во декември 2021 година, откако постигнаа договор со обвинителството. И Ноел и Томас во меѓувреме беа отпуштени од службата.

Документи на Министерството за правда покажуваат дека Ноел наводно пребарувала информации за Епстин на интернет само неколку минути пред да биде пронајден мртов.

„Не се сеќавам дека сум го направила тоа“, изјавила Ноел во изјава за Министерството за правда во 2021 година.

Последната личност која го видела жив

Според извештај на генералниот инспектор на Министерството за правда од 2023 година, видео-снимка покажува дека околу 22:40 часот на 9 август чувар, за кого се верува дека е Ноел, носел постелнина или затворска облека на катот каде што се наоѓала ќелијата на Епстин.

Тоа, според извештајот, е последниот пат кога некој службеник се приближил до тој дел од затворот.

Ноел во изјава под заклетва во 2021 година негирала дека му дала дополнителна постелнина на Епстин, каква што подоцна била пронајдена во неговата ќелија.

Таа исто така изјавила дека верува дека била последната личност која го видела Епстин жив, околу 22 часот на 9 август.

Истрагата опфаќа и влијателни личности

Во рамките на пошироката истрага за Епстин и неговата соработничка Гилејн Максвел, комитетот веќе сослушал повеќе познати личности.

Меѓу нив се поранешниот американски претседател Бил Клинтон, поранешната државна секретарка Хилари Клинтон и поранешниот извршен директор на компанијата „Викторија’с Сикрет“, Лес Векснер.

Министерството за правда на САД во јануари објави повеќе од 3,5 милиони страници документи, околу 2.000 видео-снимки и 180.000 фотографии поврзани со случајот.

Џефри Епстин во 2019 година беше обвинет пред федерален суд во Менхетен за трговија со малолетници за сексуална експлоатација. Тој беше пронајден обесен во својата ќелија додека го чекаше судењето, а неговата смрт официјално беше прогласена за самоубиство.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни