Конгресмен лобирал Македонец да добие виза за да работи во „Трамп Медиа“ бидејќи Американците барале поголеми плати

Конгресменот Ден Бејкон лобирал за Македонец да добие американска виза со цел да работи во „Трамп Медиа“, компанијата за социјални медиуми на поранешниот американски претседател Доналд Трамп.

Како што објави „ПроПублика“, вработени од „Трамп Медиа“ во јануари 2022 година комуницирале со соработници на конгресменот Бејкон, а Мекензи Картрајт, поранешна вработена во канцеларијата на Бејкон, изјавила дека конгресменот лично ѝ дал насоки да ѝ помогне на „Трамп Медиа“ иако таа сметала дека мешањето на политиката со работата во канцеларијата е несоодведно.

„Не сакав да го направам тоа, но конгресменот лично ми рече да ја завршам работата“, изјави Картрајт, поранешна директорка за специјални проекти откако новинарите ја прашале за вмешаноста на конгресменот во обезбедувањето на виза за вработен во компанијата на Трамп.

Помошта била за да се обезбеди виза за Македонецот Владимир Новачки од Скопје. „Трамп Медиа“ и Новачки аплицирале за виза која е резервирана за лицата со извонредни способности. Апликацијата на Новачки била одобрена, но како што покажуваат мејловите од јануари 2022 година, интервјуто на Новачки во американската амбасада било закажано за во декември 2023 година. Тогаш фирмата во која бил вработен, побарала помош од конгресменот Бејкон со цел Новачки да може да замине во Америка побрзо.

Откако канцеларијата на Бејкон помогнала да се реши проблемот, Новачки минатата година се преселил во Флорида и станал главен директор за технологија во „Трамп Медиа“.

Фото: Matt Johnson from Omaha, Nebraska, United States, CC BY 2.0, via Wikimedia Commons

Не е невообичаено компании да се обратат за помош кај конгресмени, но најчесто тоа го бараат од претставниците во нивниот дистрикт. „Трамп Медиа“ е со седиште во Сарасота, Флорида и е надвор од регионот кој го покрива Бејкон кој е конгресмен за Небраска.

Новачки, кариерата ја започнал со развивање на апликација „Скопје таксиметар“ која им овозможувала на граѓаните на Скопје да ги користат своите телефони за да гледаат колку пари треба да им наплати возилото во кое се возат. Најголемиот успех го доживеал кога добил работа во канадска фирма „Космик девелопмент“ која има канцеларии во Македонија. Коосновач на фирмата е Крис Павловски, кој исто така ја направи и видео платформата Рамбл која е популарна алтернатива на Јутуб помеѓу американските конзервативци и која има партнерство со „Трамп Медиа“, пишува „ПроПублика“.

Како вработен на „Космик девеломпмент“, Новачки со „Трамп Медиа“ започнал да соработува уште во неговите први денови во компанијата. Павловски го препорачал како некој кој би можел да изгради прототип на платформата „Truth Social“ за помалку пари од Американците.

Според лицата инволвирани во постапката за вадењето виза за Македонецот, соработката на „Трамп Медиа“ и Новачки започнала бидејќи Американците кои сакале да аплицираат за истото работно место барале многу повисоки плати, пишува „ПроПублика“.

Додека Трамп беше претседател од 2017 до 2021 година, американската администрација носеше закони и мерки кои ја отежнуваат процедурата за квалификувани работници од странство да добиваат работна виза и настојуваше компаниите да вработуваат Американци. Во сегашната кандидатура, Трамп повторно ветува дека ќе ја зајакне платформата „Купи американско и вработи Американци“.

Најново

Последни колумни