Долготрајниот спор за границата меѓу Тајланд и Камбоџа, кој води потекло уште од колонијалната ера на Француска Индокина од 1907 година, во јуни и јули 2025 година ескалира во вооружени судири. Центар на конфликтот се храмовите Преа Вихеар, Та Моан Том и Та Моан Точ, сместени во спорната зона меѓу тајландската провинција Сурин и камбоџанската Оддар Мианчеи.
Конфликтот започна на 28 мај, кога двете страни размениле оган, што резултирало со смрт на камбоџански војник. Според Тајланд, се работело за реакција на провокација, додека Камбоџа обвинува за еднострана агресија. Оттогаш, обидите за дипломатско смирување преку заедничката гранична комисија (JBC) се блокирани, особено поради несогласувањата за тоа кои територии се предмет на преговори.
Конфликтот доби и економска димензија. Камбоџа забрани увоз на тајландска нафта и овошје, додека Тајланд воведе ограничувања на електричната енергија, интернет-услугите и затвори неколку гранични премини. Овие мерки директно влијаат врз секојдневието на стотици илјади жители од двете страни на границата, особено земјоделците и прекуграничните работници.
Ескалација на судирите
На 24 јули беа забележани најинтензивните судири во последната деценија. Тајланд распореди шест борбени авиони F-16 и изврши воздушни напади врз камбоџански позиции, како одговор на артилериски напади врз цивилни цели во Тајланд, вклучително и болница и бензинска пумпа. Камбоџа возврати со ракетни напади и артилерија од типот BM-21, соопштувајќи дека дејствува во самоодбрана.
Во судирите загинаа најмалку 11 цивили, вклучително и едно осумгодишно дете, а десетици други беа повредени. Штетата врз инфраструктурата е значајна – уништени се училишта, домови и деловни објекти.
Хуманитарни последици
Околу 40.000 жители од 86 села долж границата беа евакуирани од страна на тајландските власти, најмногу во провинцијата Сурин. Станува збор главно за земјоделски семејства, постари лица и деца. Камбоџанските цивили, иако во помал број, исто така беа погодени од гранатирањето и од нестабилноста.
Економските последици се сериозни. Падот на трговската размена во граничните подрачја надминува 75%. Над 500.000 камбоџански работници кои работат во Тајланд се под ризик поради засилените контроли и можните масовни протерувања.
Регионални импликации и меѓународни реакции
Судирот го става под знак прашалник кредибилитетот на АСЕАН како регионална организација. И покрај формалните повици за воздржаност, нема конкретна дипломатска акција. Меѓународните организации, вклучително и ОН, изразија загриженост, но досега не е предложена независна посредничка мисија.
Кина, како главен економски и стратешки партнер на двете земји, има потенцијална улога како медијатор, но и свои интереси во стабилноста на Индо-Пацификот. Индија и Виетнам ја следат ситуацијата со зголемено внимание, поради можноста од ширење на нестабилноста во регионот.
Конфликтот има сериозни политички последици, особено во Тајланд. Премиерката Паетонгтарн Шинаватра беше суспендирана поради откриени контакти со поранешниот камбоџански премиер Хун Сен, што доведе до формирање привремена влада под водство на министерот за одбрана Фумтам Вечајачиаи.