Во Скопје се одржа конференцијата „Пет години превенција и заштита од дискриминација“

Настанот ги сумира постигнувањата и идните насоки во националните антидискриминациски политики.
Photo: КСЗД

Во Клубот на пратеници во Скопје денес се одржува конференцијата „Пет години превенција и заштита од дискриминација: постигнувања и идни насоки“, во организација на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) и проектот „Поддршка на ЕУ за владеење на правото“, финансиран од Европската унија.

Настанот собра претставници на институциите, домашни и меѓународни експерти, граѓански организации и истражувачки центри со цел да ја сумираат работата на системот за еднаквост во изминатите пет години и да ги отворат клучните прашања за периодот што следува.

Преку три тематски панели конференцијата ги отвори клучните прашања и перспективи во областа на еднаквоста и недискриминацијата, нудејќи јасна слика за институционалните, европските и националните предизвици. На првиот панел учесниците се фокусираа на улогата на домашните институции – КСЗД, Народниот правобранител, судовите, ресорните министерства и меѓународните партнери – во обезбедувањето ефективна и достапна заштита за граѓаните.

Вториот панел ја прошири дискусијата кон Советот на Европа, презентирајќи ги европските стандарди, судската практика, ромските права и механизмите за човекови права што служат како компас за регионалните тела за еднаквост.

Третиот панел се насочи кон политиките на Европската Унија и новите директиви кои бараат усогласување со европските стандарди, посебно истакнувајќи ја улогата на EQUINET и добрите практики од регионот.

Новите европски директиви се издвојуваат како особено значајни, бидејќи отвораат простор за понапредна заштита на жртвите преку јасни процедури, стандардизирани методологии и подобрен пристап до правна помош, истовремено нагласувајќи ја неопходноста од целосна функционална, финансиска и оперативна независност на КСЗД со соодветни ресурси и кадар за исполнување на своите надлежности.

Присутните учесници дискутираа за тоа како да се подобри пристапот до информираност, правна заштита и институционална реакција, како и за потребата од јакнење на механизмите за мониторинг и анализа на случаите на дискриминација.

Настанот претставува значаен момент во оценувањето на ефектите од петгодишното функционирање на КСЗД, особено во време кога прашањата за човекови права и еднаквост добиваат сè поголема тежина во јавниот дискурс. Организаторите оценија дека ваквите дискусии се од суштинско значење за градење политички и институционален континуитет, но и за обезбедување транспарентен и одржлив систем што ги штити граѓаните од дискриминација.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни