Со 26 гласа „за“ Советот на Град Скопје ја прифати иницијативата за времено предавање на ингеренциите за реконструкција на Универзална сала на Министерството за култура. „Универзална е симбол на Скопје, симбол на солидарноста и по реконструкцијата таа треба да им се врати на граѓаните како важен репрезентативен објект во главниот град“, наведуваат од советничката група на СДСМ.
Продолжениот период на реконструкција ги тестираше трпението и истрајноста на скопјани. Сепак, непоколебливата верба во важноста на проектот ги натера поголемиот дел од советниците во град Скопје да го предадат проектот на Министерството за култура.
„Се надевам ќе има слух кај градоначалничката и службите да се пристапи кон конечна реконструкција на Универзална како симбол на солидарноста на постземјотресно Скопје. Да не заборавиме, овој проект ни е клучен за апликацијата Скопје – европска престолнина на кулутрата 2028″ рече Љубица Јанчева, советничка во Град Скопје од СДСМ.
Страшо Ангеловски од Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ изјави дека иницијативата треба да се поддржи во пресрет на одбележувањето на 60-годишнината од катастрофалниот земјотрес. Ангеловски рече дека лично добил уверување од министерката за култура дека Универзалната сала ќе биде реконструирана.
„Еден од највидливите симболи на солидарноста после катастрофалниот земјотрес е Универзланата сала во Скопје. 41 држава учествуваа во помагањето на нејзината изградба и пуштањето во употреба. Денеска, за жал, после 60 години Универзалната сала наместо да биде симбол на таа солидарност, на културата на градот, таа е вистинско ругло. И токму затоа ја почитувам и разбирам огромната желба на градот да ја изгради, меѓутоа едно се желбите, а друго се можностите. Очигледно е дека Градот Скопје нема можности да ја изгради, барем не во овој период кога ние би сакале да ја видиме како функционира,“рече Ангеловски.
Иницијативата за предавање на ингеренциите по вторпат беше ставена на дневен ред. Пред четири месеци, освен Левица која и сега гласаше против, тогаш и советниците од ВМРО-ДПМНЕ не ја поддржаа иницијативата со образложение дека тоа би било пораз за градот.
Иницијативата за времено предавање на ингеренциите на Министерството за култура е доставена до градоначалничката Данела Арсовска, која Советот ја задолжи заедно со службите во рок од седум дена да изготви и предлог-одлука за префрлање на ингеренциите околу обновата на салата. Во заклучокот од Советот се наведува и дека се задолжува градоначалникот на Град Скопје да подготви договор за промена на инвеститорот на Универзална сала од Град Скопје во Министерство за култура.