Концертот „Будење“ ја отвора новата сезона на Македонската филхармонија

Со концертот „Будење“, Македонската филхармонија вечерва во 20 часот ќе ја отвори новата концертна сезона. Солистички ќе настапи еден од најдобрите виолинисти Барнабаш Келемен од Унгарија, а диригент е Бенџамин Шварц од Израел/САД. На програмата се Концертот за виолина и оркестар бр. 2 од Бела Барток и Извадоци од балетот „Ромео и Јулија“ од Сергеј Прокофјев.

Келемен ги освои најпознатите концертни сцени во светот со својата виртуозна техника и динамика, како и со страсниот изведувачки стил. Различен и со отворен ум, тој важи за исклучителен солист и камерен музичар, како и уметнички директор на фестивали и професор на водечки музички институции.

– Во последните неколку години, Келемен работи и како диригент. Поседува филигранско чувство за креирање стил и поседува неверојатна техничка подготвеност која му дава сигурност да изведува комплексни дела од виолинската литература. Неговиот репертоар е диверзитетен, изведува дела од раниот барок, класиката, дела од романтизмот, како и современа музика – велат од Филхармонијата.

Бенџамин Шварц е диригент високо ценет и од критиката и од публиката токму поради неговата исклучителна музикалност и интензитет во процесот на создавање на музиката, чистата музичка мисла и визија, проткаени во неговите фантастични интерпретации. Овие квалитети заедно со широкиот репертоар на дела произлегуваат од неговиот континуиран порив за истражување и проширување на индивидуалните звучни хоризонти. Од 2013 до 2016 година работи како музички директор на Филхармонискиот оркестар на Вроцлав, Полска. Работел и како гостин-диригент на Филхармонијата на Дисбург (2019/2020), бил гостин-диригент на Симфонискиот оркестар на Сан Франциско и музички директор на Младинскиот оркестар во овој американски град. Репертоарот на Шварц го рефлектира неговиот антидогматски, отворен однос кон програмата и делата од различни епохи и стилови – од делата на Џон Адамс до Малер, Брамс, Барток итн.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Најново

Последни колумни