Концерти на Сетстат и ПМГ Колектив Оркестар во Софија, Бугарија 

Денес, на 5 октомври во Софија, со почеток во 20 часот, во клубот Синглс, лоциран во Националната палата за култура, со концерт во живо ќе се претстават македонските бендови Сетстат и ПМГ Колектив Оркестар.  

Концертите на Сетстат и ПМГ Колектив Оркестар се реализираат како дел од концертната серија на дводневниот музички настан организиран од Аларма Панк Џез од Софија во соработка со музичката програма „Христо Ботев“ при  Бугарското Национално Радио. 

Денес (5 октомври) е македонска музичка вечер а со концертите на Сетстат и ПМГ Колектив Оркестар го претставуваме и македонскиот фестивал за џез и светска музика „Крај Вардарот Џез“ пред тамошната публика. Со ова гостување воспоставуваме континуитет на меѓународната соработката во полето на современата, џез и светска музика помеѓу музичари, продуценти и културни актери од Македонија и Бугарија, започната во 2022 година со гостувањето на бугарскиот состав Спејс Трио како дел од програмата на третото издание на фестивалот „Крај Вардарот Џез“ во Скопје. 

Со континуирана работа повеќе од 30 години Сетстат е нашиот најквалитетен и најдолготраен џез состав. Зад себе имаат 10 студиски албуми. Освен од љубовта на публиката, успехот на бендот се гледа и од добиените признанија од критиката. Композиција MVP во 2004 беше број 1 на Top Downloads 200 листата на реномираниот џез портал All About Jazz websit. Во 2015 култното радио Канал 103 го прогласи како албум на годината „Се Плашам од Македонци“ (соработка со Никола Коџабашија и Мирко Попов). Албумот во живо „White Night” снимен од настапот на „ПМГ Рекордингс Фестивал“ во 2021 година, издаден за ПМГ Џез, влезе во селекцијата на најдобрите џез изданија на музичката платформа Bandcamp во јануари 2022 година. Бендот има динамична концертна активност, како во домашен, така и во меѓународен контекст, а во Софија ќе се претстават со последниот студиски албум „Соба 107“ издаден во 2022 година за ПМГЏез/ПМГ Рекордингс.  

ПМГ Колектив Оркестар е уште еден состав со исклучителна дискографија и активна работа повеќе од 20 години. Нивниот звук носи софистицирани танцови линии, прилично уникатни и речиси поп-мелодични. 9 студиски албуми,  двоен винил со „Најголемите Хитови“, бројни ЕП-а, синглови, компилации, видео записи, ремикси, и неколку македонски и европски турнеи. Моменталниот состав на бендот е прилично авантуристички микс на танцов ритам базиран на современа електронска продукција, тапани во живо, бас, гитара, дувачка секција, вокали и синтисајзери. Вистински оркестар составен од некои од најдобрите и најталентирани македонски музичари споени со цел да донесат правда и зрели аранжмани на добро познатите ПМГ песни (Скопјанка, Манекенки, 80Ти, 90Ти, Ти си мојот свет, Луѓе од градови, Деца на два века…), патем максимално задоволувајќи ја публиката на концертите. 

Концертно гостување на Сетстат и ПМГ Колектив Оркестар е поддржано од Министерството за култура на Република Северна Македонија и се реализира во партнерска соработка со „Културно-информативниот центар на Република Северна Македонија во Софија“ 

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни